X воведува родителска контрола: Родителите ќе можат да ограничат време и пораки, но не и да ги читаат

Новите алатки ќе им овозможат на родителите да го следат времето што тинејџерите го поминуваат на платформата, да одобруваат следбеници и да филтрираат содржини. Приватните пораки, историјата на пребарување и активноста на профилот ќе останат недостапни.

Социјалната мрежа X, поранешен Твитер, воведува родителска контрола речиси 20 години по своето основање. Новите алатки треба да им овозможат на родителите и старателите поголема контрола врз начинот на кој нивните деца ја користат платформата, со истовремено задржување на одредено ниво на приватност за тинејџерите.

Профилите на корисниците на возраст од 13 до 17 години стандардно ќе бидат поставени во заштитен режим. Тоа значи дека на нив нема да им се прикажува чувствителна содржина, ниту реклами насочени кон нивните интереси. Тинејџерите ќе можат да ги видат сите ограничувања што им ги поставиле родителите.

Родителите, пак, ќе можат да следат колку време нивните деца неделно поминуваат на X и да поставуваат дневни временски ограничувања. Ќе можат и да одобруваат нови следбеници, да филтрираат одредени зборови и да го ограничуваат прикажувањето препорачани објави и видеа, така што тие ќе доаѓаат само од профилите што децата веќе ги следат.

Родителите ќе гледаат со кого се допишуваат, но не и што пишуваат

Една од поважните можности е контролата врз приватните пораки. Родителите ќе можат да одредат кој смее да им испраќа пораки на нивните деца и да видат со кого тие комуницираат. Сепак, нема да имаат пристап до содржината на приватните пораки, историјата на пребарување и прегледување содржини, ниту ќе можат да објавуваат во име на тинејџерите.


„Родителите сакаат практични алатки, а тинејџерите заслужуваат простор за растење. Со родителската контрола на X, семејствата можат да постават граници што одговараат на нивните потреби, додека тинејџерите ја задржуваат контролата врз своите профили и можат да ја видат секоја промена“, напиша Мајкл О’Херлихи, раководител на одделот за безбедност на X.

е-Трн да боцка во твојот инбокс