Шефот на Wizz Air: Европа летово нема да остане без авионско гориво

Wizz Air планира 17 проценти повеќе летови ова лето, а извршниот директор Јожеф Варади смета дека Европа нема да остане без авионско гориво и покрај кризата на Блискиот Исток.

Унгарската нискобуџетна авиокомпанија Wizz Air планира летово да реализира 17 проценти повеќе летови во споредба со минатата година, изјави извршниот директор Јожеф Варади.

Според него, компанијата годинава има значително посилни летни резервации отколку лани, а фокусот на растот ќе биде на пазарите на Балканот и Кавказ.

„Оваа година сме многу посилни со летните резервации отколку лани“, изјави Варади на брифинг со новинари.

Wizz Air веќе обезбедил заштита од можен скок на цените за околу 70 проценти од своите потреби за авионско гориво во претстојната летна сезона.

Авиопревозниците стравуваат од можен недостиг на гориво доколку американско-израелската војна против Иран потрае. Иран, по нападите, презеде контрола врз Ормускиот Теснец и забрани транзит на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.

Блискиот Исток е еден од главните извори на авионско гориво за европските авиокомпании.

Сепак, Варади смета дека Европа ова лето нема да остане без авионско гориво. Според него, цената од околу 1.500 долари за тон е доволен мотив танкерите да донесат гориво од САД и така да се надомести намаленото снабдување од Блискиот Исток.

Компанијата, како што рече, веќе презела повеќе мерки за намалување на трошоците, но просторот за влијание врз цените на билетите е ограничен.

„Не можеме многу да направиме кога станува збор за цените на билетите“, рече Варади.

Тој признава дека цените на керозинот би можеле да останат високи уште неколку месеци и по завршувањето на војната.

Варади оцени и дека можеби сега е вистински момент Европа да ја преиспита зависноста од набавка на гориво од Блискиот Исток. Според него, кризата би можела да доведе до дополнително намалување на авиокапацитетите во текот на есента.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни