Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше телефонски со украинскиот претседател Володимир Зеленски и нагласи дека имале отворен и добар разговор за билатералните односи, европскиот пат на Србија и Украина и подобрувањето на економската соработка.
Тема на разговорот била посетата на Србија на Тарас Качка, вицепремиер на Украина за европски и евроатлантски интеграции и трговски претставник на Украина.
„Отворен и добар разговор со претседателот Зеленски за билатералните односи меѓу нашите земји, европскиот пат на Србија и Украина, како и можностите за понатамошно подобрување на економската соработка и поврзаност во области од заеднички интерес, вклучително и разговорите за склучување договор за слободна трговија меѓу Србија и Украина“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Вучиќ изјави дека тема била и утрешната посета на Тарас Качка, вицепремиер на Украина за европски и евроатлантски интеграции и трговски претставник на Украина, што, како што истакна, ќе претставува важен чекор во понатамошното зајакнување на соработката меѓу двете земји.
„Разговаравме и за важноста на дијалогот, меѓусебното разбирање и одговорниот пристап во решавањето на проблемите, со согласност дека мирот и зачувувањето на човечките животи се вредности што мора да имаат приоритет“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека тие исто така ја потврдиле својата посветеност за понатамошно подобрување на билатералните односи преку отворен дијалог, меѓусебно почитување и зајакнување на соработката во областите од заеднички интерес/ж.