Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно најави дека на 27 септември ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Србија. Тој денеска во интервју за Радио Белград изјави дека по оставката ќе се вклучи во кампањата за предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври. „Во недела на 27-ми поднесувам оставка“, изјавил Вучиќ.
Тој и претходно ја најави оставката, наведувајќи дека потоа ќе води кампања „како обичен граѓанин“. Во меѓувреме, Србија веќе е во изборен процес откако на 9 септември беа распишани предвремени парламентарни избори за 25 октомври.
Вучиќ сака да биде кандидат за премиер
Вучиќ најави дека, доколку политичкиот блок што го предводи добие поддршка на изборите, би следувале големи промени во составот на идната влада. Тој повторно ја истакна идејата за влада со најмногу 12 министри и потврди дека сака да биде кандидат за премиер. Изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ веќе е прогласена за парламентарните избори.
Вучиќ најави и промени во локалната власт доколку неговата политичка опција добие поддршка на изборите. Тој рече дека ќе се заложи најмалку половина од градоначалниците и претседателите на општини поврзани со неговата политичка опција да бидат сменети три месеци по формирањето на новата влада.
Како причина го наведе, како што рече, незадоволството од односот на дел од локалните функционери кон граѓаните.
Ги критикуваше студентските кандидати
Во интервјуто Вучиќ се осврна и на студентската листа „Студентска листа – Студентите победуваат“, која исто така учествува на парламентарните избори. Тој го критикуваше првиот кандидат на листата, Илија Срдановиќ, поради неговите неодамнешни јавни настапи.
Вучиќ особено реагираше на изјавите во кои се зборувало за тоа дека некој е „несакан“ или „неволен“, толкувајќи ги како порака упатена кон него. Срдановиќ, според достапните извештаи, во својот настап не го именувал директно Вучиќ. Студентската листа беше официјално предадена за учество на изборите на 25 октомври.
Што ќе се случи ако Вучиќ поднесе оставка?
Доколку Вучиќ на 27 септември навистина ја достави оставката, неговиот претседателски мандат ќе престане кога оставката ќе пристигне во Народното собрание. Тоа го предвидува Законот за претседателот на Србија. Потоа, според Уставот, функцијата претседател привремено ја презема претседателот на Народното собрание. Таа функција може да се врши најмногу три месеци, а претседателските избори мора да бидат распишани така што ќе се одржат најдоцна во тој рок.
Тоа значи дека, ако оставката биде поднесена на 27 септември, Србија би можела да има уште едни избори до крајот на годината – покрај веќе закажаните парламентарни избори на 25 октомври. Според српските правни анализи, претседателските избори би морале да се одржат најдоцна до 20 декември.
Вучиќ, пак, најавува дека по напуштањето на претседателската функција ќе продолжи со политичка активност и ќе учествува во кампањата за парламентарните избори, на кои неговата листа веќе е прогласена.