Вучиќ си заминува од претседателската функција, но не и од власта: што остава зад себе по девет години како претседател

Девет години Уставот му даваше церемонијална функција, а тој ја водеше владата, медиумите и преговорите со светот. По 14 години на власт, Вучиќ сега оди на изборите на 25 октомври како кандидат за премиер, со отворено судење за Нови Сад и аферата „Генералштаб“ зад грб.
Александар Вучиќ, претседател на Србија, кој поднесе оставка на 27 септември 2026
Photo: Nova.rs

Александар Вучиќ од вечерва повеќе нема да е претседател на Србија. Тој најави дека ќе поднесе оставка по враќањето од Њујорк и изјави дека бил најгорд претседател, кој верно, оддадено и чесно ѝ служел на својата земја. Функцијата ја презема Ана Брнабиќ, како вршител на должноста претседателка, во својство на претседателка на Собранието. Неговиот втор и последен мандат требаше да истече дури во средината на 2027 година.

Оставката не значи повлекување. Вучиќ веднаш влегува во кампањата за предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври, како носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и како граѓанин без функција. Според повеќе извештаи, целта му е премиерската фотелја. Тој веќе најави влада со најмногу 12 министри и смена на најмалку половина од локалните функционери. Со оставката Србија мора да одржи и предвремени претседателски избори, во рок од три месеци од престанокот на мандатот.

Функција без моќ, но претседател со сета моќ

Според српскиот Устав, претседателот е претежно церемонијална фигура, а извршната власт е кај владата. Вучиќ ја промени оваа логика уште од првиот ден. Иако улогата на претседателот е во суштина церемонијална, тоа нема никаква врска со реалноста во Србија, каде Вучиќ одлучува за сè. Како претседател, тој присуствуваше на седниците на владата и ѝ кажуваше кои закони да ги донесе.

Моделот беше поставен во 2017 година. Вучиќ, тогаш премиер, победи на претседателските избори уште во првиот круг. Потоа ја постави Ана Брнабиќ, дотогаш министерка за јавна администрација, за своја наследничка на премиерското место. Оттогаш премиерите се менуваа, а центарот на моќта остана во претседателството. Вучиќ им се обраќаше на граѓаните речиси секојдневно преку провладините телевизии и лично ги најавуваше економските мерки, кадровските промени, пензиите и платите. Лично ги водеше и преговорите за Косово, за НИС и со Брисел, Вашингтон, Москва и Пекинг.

Тоа не се криеше ни во последните денови од мандатот. Во иста реченица ги најавуваше оставката и разговорот со Путин. Во Њујорк, на прашање за НИС, рече дека се надева оти по разговорот со Путин ќе има повеќе информации.

Деценија на протести

Ниту еден српски политичар по Милошевиќ не предизвика толку бранови улични протести.

Уште по првата победа во април 2017 година, илјадници млади излегоа на протестите „Против диктатура“. Следуваше движењето „1 од 5 милиони“ (2018–2019), поттикнато од нападот врз опозицискиот политичар Борко Стефановиќ и од изјавата на Вучиќ дека нема да попушти „ни ако излезат пет милиони“. Во јули 2020 година, најавата за повторен полициски час во пандемијата прерасна во насилни судири пред Собранието. Во 2021 година, блокадите на патиштата против рудникот за литиум на Рио Тинто во долината на Јадар ја натераа владата да го замрзне проектот. Проектот повторно беше оживеан во 2024 година и предизвика нов бран протести.

По двете масовни убиства во мај 2023 година, во белградското училиште „Рибникар“ и кај Младеновац, илјадници граѓани со месеци маршираа под паролата „Србија против насилство“. Нивните барања беа насочени кон провладините медиуми и безбедносните служби. Критичарите го обвинуваа Вучиќ за авторитаризам и тврдеа дека таблоидите блиски до власта шират омраза и промовираат насилство. Изборите во декември истата година оставија трајни обвинувања за изборни нерегуларности.

Нови Сад: кризата што го скрши моделот

Прекршната точка дојде на 1 ноември 2024 година. Надстрешницата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад се урна и уби 15 луѓе, а бројот на загинати подоцна се искачи на 16. Демонстрантите ја обвинија власта за некомпетентност, корупција и одолговлекување на кривичните постапки против одговорните.

Студентите ги блокираа факултетите и станаа предводници на најмасовното граѓанско движење во поновата историја на Србија. На нив им се придружија адвокати, универзитетски професори и земјоделци. Политичките аналитичари ја оценија кризата како најсериозна за Вучиќ откако стана водечки политичар во земјата во 2012 година. Во јануари 2025 година премиерот Милош Вучевиќ стана највисокиот функционер кој поднесе оставка по трагедијата. Во март стотици илјади луѓе се собраа во Белград, на протестот кој беше оценет како најголем предизвик за Вучиќ во повеќе од деценијата во која доминираше во политиката. Летото 2025 донесе блокади, судири со полицијата и нападнати партиски простории. Власта одговори со контрамобилизација, меѓу другото и со камп на поддржувачи на Вучиќ пред Собранието, популарно наречен „Ќациленд“.

„Корупцијата убива“: системот, а не само надстрешницата

Пораката „корупцијата убива“, заедно со црвените дланки, стана главниот симбол на студентското движење. Студентите од почеток тврдеа дека урнатата надстрешница не е несреќа, туку последица на систем. Во тој систем големите инфраструктурни проекти се водат преку меѓудржавни договори и специјални закони, без вистински тендери, со затворена документација и со политичко пресечување на лентите пред да заврши техничкиот прием.

Првото студентско барање беше објавување на целокупната документација за реконструкцијата на станицата. Власта објави само дел од документите, што студентите го оценија како неисполнување на барањето. Самиот Вучиќ, министерот Горан Весиќ и провладините медиуми во првите денови тврдеа дека надстрешницата воопшто не била реконструирана. Во тоа време на интернет сè уште беа достапни снимките на кои Весиќ свечено ја отвора обновената станица.

Речиси две години по трагедијата, судскиот епилог не е ни почнат. Апелациониот суд во Нови Сад дури на 15 јуни годинава правосилно го потврди обвинението, кое опфаќа 13 лица. Весиќ, поранешните директори на „Инфраструктура железнице“ Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан, како и помошничката Анита Димоски, се товарат за тешко дело против општата сигурност. Потврдувањето дојде откако Вишиот суд во Нови Сад претходно гоа беше вратил обвинението. Бранителите потоа поднесоа барање до Врховниот суд, со што почетокот на судењето повторно се одложува. Паралелно тече посебна постапка пред Обвинителството за организиран криминал (ТОК) за корупцијата околу проектот. Весиќ таму беше сослушан како осомничен, но одби да одговара на прашањата на обвинителите.

Случајот „Генералштаб“ ја покажа истата шема на уште повисоко ниво. Урнатините на зградата бомбардирана од НАТО во центарот на Белград беа наменети за луксузен комплекс на компанијата „Affinity Partners“ на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. Собранието во ноември 2025 година донесе лекс специјалис за урнање на комплексот, и покрај протестите на стручната јавност, студентите и опозицијата. ТОК го обвини министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца функционери дека со фалсификувани документи му го укинале на Генералштаб статусот на заштитено културно добро. По реакцијата на обвинителството, Кушнер се повлече од проектот. Странските медии забележаа дека Селаковиќ е првиот министер од СНС кој седнал на обвинителската клупа.

Реакцијата на Вучиќ беше најјасната илустрација за односот на власта кон институциите. Тој изјави дека Селаковиќ „не е виновен за ништо“ и дека ќе ги помилува сите обвинети доколку бидат осудени. Селаковиќ пак ги нарече обвинителите „блокадерска криминална банда“ која узурпирала дел од државата. Вашингтон пост во истиот период забележа дека српското собрание донесе закон со кој се ограничува независноста на судството. Така судирот меѓу претседателот и ТОК стана еден од клучните фронтови на неговиот последен мандат.

За студентите, тоа е суштината. Правдата за 16-те загинати и борбата против системската корупција се едно исто барање.

Путинското сценарио: што всушност значи оставката на Вучиќ

Вучиќ со месеци ги отфрлаше барањата за предвремени избори и преодна влада. На крајот сепак отстапи, но на свој начин. Оставката ја најави на провладин митинг во Белград, по месеци протести предводени од младите, со пораката дека „ќе победат поубедливо од кога било“. Сега на изборите ќе се соочи токму со движењето што го притисна. Носител на Студентската листа е Илија Срдановиќ.

Аналитичарите се речиси едногласни дека оставката е тактички потег, а не заминување. Како претседател, Вучиќ немаше право на трет мандат. Коментаторите потсетуваат дека и Путин ги менуваше улогите на премиер и претседател. Според еден аналитичар, изборите ќе покажат дали бранот протести по трагедијата во Нови Сад може да прерасне во политичка алтернатива.

Вучиќ ја напушта функцијата која ја претвори од церемонијална во оперативна, тврдејќи дека „не украл ниту динар“. Вистинското прашање е дали Србија на 25 октомври ќе го врати во фотелјата од која и почна неговото владеење, или ќе ја затвори ерата што ја обележа неговото име и системот што го изгради.

е-Трн да боцка во твојот инбокс