Летната фестивалска сезона во Европа и во 2026 година носи десетици музички спектакли кои привлекуваат стотици илјади посетители од целиот свет. Од легендарни фестивали со повеќедецениска традиција до нови музички настани кои брзо стекнуваат култен статус, европската фестивалска сцена останува една од најразвиените и најразновидните во светот.
Рок, поп, електронска музика, инди и алтернативни жанрови ова лето повторно ќе ги исполнат парковите, плажите, островите и урбаните центри низ континентот. Голем број фестивали одамна се повеќе од музички настани, тие се значаен дел од туристичката понуда на градовите и регионите во кои се одржуваат, привлекувајќи посетители кои покрај концертите сакаат да ја искусат и локалната култура, гастрономија и атмосфера.
Ширум Европа, фестивалите се одржуваат на различни локации, од крајбрежни дестинации и историски тврдини до огромни отворени простори во близина на големите метрополи. Дел од нив нудат целосно фестивалско искуство со кампување, додека други овозможуваат музичката програма лесно да се комбинира со класичен градски одмор. Во продолжение ги издвојуваме фестивалите кои се очекува да бидат меѓу најпосетените и најатрактивните музички настани во Европа во текот на летото 2026 година.
ЈУНИ

Tons of Rock (24 – 27 јуни 2026, Осло, Норвешка)
Како еден од најголемите годишни рок и метал фестивали во Скандинавија, овој настан привлекува околу 150.000 посетители од 84 земји, подготвени за четири дена моќен звук предводен од имиња како Iron Maiden, Bring Me The Horizon, Limp Bizkit и Yungblud. Фестивалот нуди повеќе сцени и организиран камп, но и брз пристап од Екебергслета до центарот на Осло за оние кои претпочитаат хотелско сместување. Додека сте во Осло, градот ви нуди плејада од активности,– од пловечки сауни до посета на реномираниот музеј на Мунк, сместени во една компактна, дизајнерски супериорна средина.
Roskilde Festival (27 јуни – 4 јули 2026, Роскилде, Данска)
Овој целосно непрофитен фестивал го доживува своето неверојатно 54-то издание, а годинава ќе обедини дури 180 музички артисти (меѓу кои Gorillaz, The Cure, Addison Rae, Kneecap и Lily Allen), автори, перформери и архитекти, поддржани од армија од 27.000 волонтери. За време на таа една недела, фестивалот се трансформира во мини-град со седум сцени и 50.000 шатори, а доколку патувате од далеку, опремата за кампување можете да ја изнајмите на лице место. Самиот град Роскилде е живописно место лоцирано на само 30 минути со воз од Копенхаген, каде задолжително треба да ја посетите величествената катедралата заштитена од УНЕСКО.
ЈУЛИ
WOMAD Glasgow (3 – 4 јули 2026, Глазгов, Шкотска)
За првпат во својата историја, овој бренд го носи својот препознатлив печат на глобална музика, храна и култура во Шкотска, со линија на изведувачи која наскоро ќе биде финализирана. Фестивалот ќе се одржи во паркот Келвингров, сместен во подножјето на Универзитетот во Глазгов, каде овој интензивен викенд ќе понуди музика во живо, кулинарски демонстрации, интернационална улична храна, како и изобилство од забава за млади и инспиративни дебати. Како што вели основачот на фестивалот, легендарниот Питер Гебриел: „Музиката е универзален јазик – таа ги зближува луѓето.“ Сместете го овој настан во вашата шкотска рута и бидете дел од едно глобално движење.
Trænafestivalen (8 – 11 јули 2026, Трена, Норвешка)

Овој настан е жив доказ дека рајот не мора да биде лоциран во тропските предели, а годинава на сцената ќе застанат Ella Marie, Sunnan, Beth McCarthy и многу други локални ѕвезди. Како остров во норвешкиот регион Хелгеланд, Трена е достапен исклучиво по воден пат, со официјални фестивалски бродови кои редовно сообраќаат од градовите Боде, Стоквоген, Несна и Санднесјоен. Сместен јужно од Арктичкиот Круг, опкружен со снежните врвови на планината Салтфјелет и ледникот Свартисен, овој фестивал претставува вистинско природно совршенство за сите кои трагаат по бегство од секојдневието.
Love International (8 – 14 јули 2026, Тисно, Хрватска)
Сонце, море и забави на брод – ова е вистинскиот сиренски повик за сите кои го сакаат жешкото лето, надополнет со врвна селекција на светски диџеи и неочекувани back-to-back настапи. Настанот се одржува во вообичаено мирното хрватско гратче Тисно (најблискиот аеродром е во Задар) и максимално го користи шармот на Далматинскиот брег со целовечерни забави на скриени плажи и ноќни клубови на отворено. Покрај гламурот на крајбрежјето, авантуристите можат да го истражат и блискиот Национален парк Крка, познат по своите фасцинантни водопади кои дополнително ќе ја збогатат оваа незаборавна недела пулсирачка во ритамот на диско, хаус и техно звуците.
NOS Alive (11 – 13 јули 2026, Лисабон, Португалија)

Со своите ридови, скриени барови во тесните сокаци и прекрасниот хоризонт со портокалови покриви, Лисабон е една од најдобрите светски дестинации за хедонизам, а овој јули таму ќе ечат Foo Fighters, Nick Cave & the Bad Seeds, Florence + the Machine и Twenty One Pilots. Ова е совршена можност да го комбинирате фестивалското лудило со уживање во португалската култура, капење во океанот и дегустација на познатите колачи pastel de nata. Станува збор за специфичен градски одмор на кој дефинитивно ќе сакате да му се враќате секоја година.
Tomorrowland (17 – 19 и 24 – 26 јули 2026, Бум, Белгија)
Ова е несомнено највпечатливиот и најекстравагантниот фестивал за електронска музика во Европа, познат по својата напредна технологија, импресивни визуелни инсталации и диџејски легенди како Calvin Harris, Martin Garrix, David Guetta и Charlotte de Witte. Лоциран во белгиското гратче Бум (помеѓу Брисел и Антверпен), тој е исклучително лесно достапен од кој било дел на Европа. Штом ќе ги поминете фестивалските порти, ќе се чувствувате како да сте закорачиле во друга димензија на овој електронски спектакл кој во 2026 година очекува над 400.000 посетители распоредени на повеќе од 15 сцени во текот на два викенда.
Wilderness Festival (30 јули – 2 август 2026, Оксфордшир, Англија)
Сместен во преубавиот Корнбери Парк – имот кој се протега на 690 хектари шума – овој фестивал ви овозможува да уживате во звуците на Scissor Sisters, Carl Cox и The Last Dance Party додека чекорите низ овој историски посед од 16-тиот век. Покрај еклектичната музичка програма, фестивалот нуди и богата палета на активности на отворено: јавање коњи, шумска терапија, јога на вода, како и пристап до спа-центар покрај езерото со дрвени топли кади. Овој елитен, а сепак опуштен амбиент е идеална дестинација за млади луѓе и семејства кои бараат поинаков, софистициран вид на летен одмор.
АВГУСТ
Untold (6 – 9 август 2026, Клуж-Напока, Трансилванија, Романија)
Организиран во Централниот парк во Клуж-Напока, ова е уште еден урбан фестивал каде магијата се случува ноќе, а главни ѕвезди се Flo Rida, Lewis Capaldi, Marshmello, Lost Frequencies и Sting. Еден од неговите најголеми адути е грандиозната стадионска инфраструктура и беспрекорната продукција од светска класа, каде посетитетите се упатуваат по 16 часот кога енергијата расте паралелно со залезот на сонцето. Доколку времето ви дозволува, задолжително посетете ги солените рудници Турда (на 35 километри од градот) за едно фасцинантно подземно искуство.
Iceland Eclipse (12 – 15 август 2026, Полуостров Снајфелснес, Исланд)

Драматичните пејзажи на Исланд, каде црната лава е во постојан контраст со интензивно синото небо, го одземаат здивот сами по себе, а забавата ја предводат Berlioz, Clozee, GusGus и MEDUZA³. Создаден од тимот кој стои зад култниот Secret Solstice, овој настан спојува музика, танц и креативни работилници со предавања за наука, технологија и мистицизам. Најважно од сè – ќе се најдете на совршена локација на полуостровот Снајфелснес за да го набљудувате целосното затемнување на сонцето во 2026 година, што го прави ова искуство уникатно во светот.
Flow Festival (14 – 16 август 2026, Хелсинки, Финска)
21-то издание на овој урбан фестивал ги зазема просторите околу култната и веќе неактивна електроцентрала Сувилахти во срцето на Хелсинки, со шаренолика програма на која блескаат PinkPantheress, Florence + The Machine, Zara Larsson, Lykke Li и Nick Cave. Музичкиот спектар се движи од бразилскиот композитор Артур Верока, преку алт-рок звуците на бруклинските Geese, па сè до бунтовниот панк на британските Lambrini Girls. Пред и по концертите, можете да ја истражите креативната гастрономска сцена на Хелсинки или да се опуштите во традиционална финска сауна под бесконечната летна дневна светлина.
Another Love Story (21 – 23 август 2026, Округ Мит, Ирска)
Овој настан важи за еден од најинтимните и најшармантните музички фестивали во Ирска во моментов, каде настапуваат LTJ Bukem, Steffi & Virginia, Mad Professor и Bradley Zero. Настанот слави локални и интернационални артисти на специфичен имот кој вклучува урнатини од црква во шумата, топли кади сместени во зелени ливади и дрвена платформа за пливање на самата река. Историската балска сала служи како главна сцена, од каде музиката преку големите прозорци се прелева кон беспрекорните тревници, нудејќи совршен амбиент за опуштање со пријателите.