Берово утрово -2, следува период на студени утра и сончеви денови

Температурите на истокот паднаа под нулата, а висок воздушен притисок носи суво време и дневни максимуми до 27 степени.

Македонија влегува во повеќедневен период на стабилно и суво време под влијание на поле со висок воздушен притисок. Утринските температури на почетокот од октомври се спуштија под нулата, при што во Берово денеска беа измерени -1,9 степени Целзиусови. Метеоролозите најавуваат ведри утра и значително потопли сончеви денови, со температури кои до почетокот на следната недела ќе се искачат до 27 степени.

Утринските мерења во осум часот покажаа силен пад на температурите, особено во планинските и источните котлини. Во Берово живата во термометарот се спушти на -1,9 степени, што е најниска вредност измерена на мерните станици во земјата.

Студено утро е регистрирано и во Маврови Анови со 2,5 степени, на Попова Шапка со 2,8 и во Струмица каде минималната утринска вредност изнесуваше 4,1 степен. Во главниот град мерните станици Петровец и Зајчев Рид измерија 4,2 односно 7,4 степени. Највисока утринска температура во осум часот е регистрирана во Виница со 12,7 степени.

Временските прилики во следните денови остануваат под доминација на антициклон. В петок нè очекува ведро и студено утро, додека преку денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој ќе биде присутен и во скопската котлина.

За време на викендот продолжува слична синоптичка слика. В сабота утринските температури ќе се движат во интервал од -1 до 9 степени, а максималните дневни ќе достигнат од 17 до 25 степени. В недела дневниот максимум ќе се искачи до 26 степени, со повторно студено утро и температури што на одредени места ќе паднат до еден степен под нулата.

Стабилниот воздушен притисок ќе се задржи и во понеделник, на 5 октомври. Утринските вредности ќе останат ниски и ќе се спуштат меѓу -2 и 8 степени. Дневната температура ќе биде во дополнителен пораст и ќе достигне меѓу 20 и 27 степени. Веprofileтерот ќе го намали интензитетот и ќе дува слаб северен ветер, означувајќи релативно топол почеток на октомври.

е-Трн да боцка во твојот инбокс