Кирил сака да стане првиот Македонец во вселената. Неговиот сон во средината во која живее предизвикува потсмев и недоверба. Од таа реакција тргнува авторската претстава на Борис Василески, која преку хумор и апсурд зборува за амбицијата, осаменоста и потребата за признание.
Со „Првиот Македонец во вселената“, „Штрих“ одбележува пет години работа на независната театарска сцена. Првата изведба е закажана за 16 ноември во 20 часот, а втората за 17 ноември во 21 часот. Двете ќе се одржат во Public Room во Скопје.
Три драми од Харолд Пинтер во превод на Марио Стојаноски
На 17 ноември во 19 часот, пред втората изведба, во Public Room ќе биде промовирано изданието „Лифт. Време за забава. Еден вид Алјаска“. Книгата обединува три драмски текста од британскиот драматург и нобеловец Харолд Пинтер, чиј театар е препознатлив по начинот на кој паузите и тишината ги откриваат односите на моќ меѓу ликовите.
За изданието ќе зборуваат режисерите Шенај Мандак, Александар Ивановски и Борис Василески, како и преведувачот Марио Стојаноски.

