51. МОТ во Скопје им ја дава сцената на режисерките

Претстави во режија на жени се во фокусот на фестивалот Млад отворен театар, кој ќе трае до 24 ноември. На отворањето ќе бидат изведени словенечката „Кратки приказни“ и „Последниот час по клавир“ на Нина Николиќ.

Од „Последниот час по клавир“, интимна приказна за бегалството и припадноста, до грчката сценска верзија на „Мојот маж“ според расказите на Румена Бужаровска, 51. издание на Млад отворен театар го става женското авторство во средиштето на програмата. Под мотото „Овојпат таа кажува“, фестивалот од 18 до 24 ноември во Скопје ќе собере домашни и гостински продукции.

Програмата беше претставена во понеделникот од режисерките Нина Николиќ и Теодора Силјаноска, директорот на Младинскиот културен центар Димче Арсовски и Филип Николовски и Кирил Мечалов од програмскиот тим на фестивалот.

Две претстави на отворањето на МОТ

Фестивалот ќе почне на 18 ноември со „Кратки приказни“ на словенечкиот Театар Антон Подбевшек. Претставата во режија на Сања Нешковиќ Першин ги спојува глумата, физичкиот театар и танцот. Истата вечер, во клубот на МКЦ, Театар 071 | Перипетија ќе ја изведе „Последниот час по клавир“ во режија на Нина Николиќ, претстава за бегалството, осаменоста и човечката блискост.

На 19 ноември, во Театар Комедија, Театар Вортекс ќе ја изведе „Кокошка“. Теодора Силјаноска ја режира комедијата според текстот на Николај Кољада, во која суетата и потребата за признание се судираат со желбата за слобода.

Гостувања од регионот и бесплатен концерт во МКЦ

Словенечката претстава „Манифест“ во режија на Татјана Першух се занимава со последиците од технолошкиот развој. Српскиот музичко-поетски проект „Три жени“ го истражува историското потиснување на женскиот глас, а „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ ги отвора темите на љубовта и сеќавањето. На програмата е и „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ.

На 21 ноември во бифето на МКЦ ќе настапи ARBËRESHË, уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија. Во својата музика таа ги поврзува албанската музичка традиција и современиот звук. Концертот е дел од европската платформа Liveurope, а влезот е бесплатен.

На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ во режија на Тамара Стојаноска, според текстот на Томислав Зајец. Во завршницата се и два танцови перформанси во соработка со „Локомотива“, „Мојот маж“ на грчкиот колектив „Процес“ во режија на Марија Манганари и бугарската претстава „Ана – непоправливата“, посветена на руската новинарка Ана Политковскаја.


Билетите за претставите се продаваат по промотивна цена од 400 денари на билетарницата на МКЦ и онлајн. Целосната програма е достапна на фестивалската страница. Билети за МОТ · Фестивалска програма

е-Трн да боцка во твојот инбокс