Возачите на Убер во Европа поднесоа тужба против алгоритмот што им ги намалува платите

Околу 241.000 возачи од Велика Британија и ЕУ бараат отштета од милијарди евра поради вештачката интелигенција што им ја одредува заработката.

Возачите на Убер во Европа покренаа колективна тужба против компанијата пред окружниот суд во Амстердам, тврдејќи дека нејзиниот систем за динамично одредување на цените незаконски им ја намалува заработката. Правната постапка, поддржана од организацијата Worker Info Exchange, опфаќа околу 241.000 возачи од Велика Британија и Европската Унија. Според тужителите, алгоритмот ги следи нивните работни навики и ги користи личните податоци за да им понуди минимални можни износи за секое патување.

Во центарот на тужбата се наоѓа нетранспарентен алгоритам кој функционира како дигитален менаџер. Возачите наведуваат дека системот постојано собира информации за нивните одлуки на апликацијата и потоа ја пресметува најниската цена што поединец би ја прифатил.

Кола Оба, 48-годишен возач од северен Лондон, опиша како на иста локација добил понуда од 23 фунти за одредена релација, додека негов колега во исто време за истата рута добил 27 фунти. Возачите се сомневаат дека софтверот ги наградува оние што одбиваат понуди, а ги казнува оние што претходно прифаќале поевтини тури.

Мохамед Ширва од Ротердам вели дека апликацијата редовно нуди драстично помали суми за враќање од далечни дестинации, пресметувајќи дека возачот во секој случај ќе прифати било каков износ само за да не патува празен.

Според наводите во тужбата, Убер го користи системот за динамично одредување надомест во Велика Британија од 2023 година, додека во Холандија е воведен годинава. Возачите пресметале дека новиот начин на пресметка им го намалил годишниот приход во просек за околу 5.000 фунти.

Студија на истражувачи од Универзитетот во Оксфорд од 2025 година исто така регистрираше пад на приходите на возачите по воведувањето на алгоритмот. Правниот застапник Антон Екер нагласува дека европските регулативи забрануваат автоматско профилирање кое директно влијае на егзистенцијата на работниците. Организацијата Worker Info Exchange бара супензија на ваквото пресметување и милијарди евра отштета поради прекршување на Општата уредба за заштита на податоците (GDPR).

Од европското седиште на Убер во Амстердам порачуваат дека категорично ги отфрлаат обвинувањата. Портпаролот на компанијата изјави дека цената на возењето се пресметува исклучиво според реалните параметри на рутата: времетраењето, дестинацијата, гужвите и моменталната побарувачка, а не врз основа на личното однесување на возачот.

Од компанијата тврдат дека разликите во понудите настануваат поради GPS локацијата или промотивни пакети, додавајќи дека динамичниот модел всушност овозможува поголема заработка за помалку атрактивните рути. Оваа постапка следува по одлуката на холандските власти за заштита на податоците, кои неодамна го казнија Убер со 825 милиони евра поради автоматско исклучување на возачи без соодветна постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс