„Меѓу светови“ во Мала Станица: Уметност за уништените брегови

Визуелната уметница Воскресија Андреевска преку флуоресцентни бои, светлина и трски отвора простор за преиспитување на присвоената природа.

Мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на визуелната уметница Воскресија Андреевска ќе биде отворена во четврток, на 17 септември, во 20:00 часот во Националната галерија на Македонија – објект Мала Станица во Скопје. Поставката комбинира ликовни дела, просторни инсталации и поезија, фокусирајќи се на врската меѓу човекот и природните пејзажи што исчезнуваат под притисок на урбанизацијата и присвојувањето на заедничкиот простор.

Андреевска го гради својот визуелен израз со мотиви од крајбрежните предели, водите и трските. Авторка не ги третира овие елементи само како пасивна позадина, туку како простор на лична меморија и потекло.

Поставката користи специфична игра на светлина и флуоресцентни пигменти за да создаде амбиент во кој се менува вообичаената перцепција на просторот. Намерата на авторката е набљудувачот директно да зачекори во инсталацијата и да ја доживее атмосферата однатре, наместо само рамнодушно да ја гледа од дистанца.

Покрај ликовниот експеримент, изложбата има нагласена еколошка порака поврзана со деградацијата на природните брегови. Преку инсталациите, Андреевска директно адресира конкретни интервенции врз природата: сечењето на трските, менувањето на крајбрежните линии и узурпацијата на јавните природни добра.

„Меѓу светови“ поставува прашање за личната цена што ја плаќа поединецот при уништувањето на животната средина, посочувајќи дека деградацијата на надворешниот свет остава трајни последици врз внатрешниот свет на човекот.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Град Скопје. Националната галерија го отстапува просторот на Мала Станица како локација за претставување на овој мултимедијален проект пред скопската публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс