Политички земјотрес во Германија: Што ќе соопшти канцеларот Мерц?

Осумте покраински премиери на ЦДУ се повикани на итна средба, додека партијата се соочува со огромен притисок по изборниот дебакл од АфД.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе ѝ се обрати на јавноста денеска нешто по 18 часот од седиштето на ЦДУ во Берлин. Според информациите на весникот „Билд“, неговата изјава ќе биде насочена кон иднината, но засега не е познато што точно ќе објави.

Обраќањето доаѓа во момент на голем политички притисок. Пред две недели, владејачката партија доживеа тежок пораз на изборите во покраината Саксонија-Анхалт, каде што екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) освои речиси 44 отсто од гласовите, додека поддршката за ЦДУ падна на само 17 отсто. Овој резултат значително ги засили дебатите за стабилноста на актуелното раководство.

Паралелно со оваа криза, денеска се одржуваат избори во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија, кои домашните медиуми ги опишуваат како нов клучен тест. Затоа, канцеларот за 17 часот го повика партискиот врв и сите осум премиери на сојузните покраини од редовите на ЦДУ на итна средба. И покрај шпекулациите за можен крај на неговиот мандат, сите осуммина покраински премиери пред неколку дена јавно го поддржаа и ги отфрлија барањата за промени.

Кои се опциите за Фридрих Мерц?

Според германскиот систем, шефот на владата не може едноставно да се смени со обично гласање во Бундестагот. Доколку политичките противници или дел од неговата партија сакаат да го отстранат против неговата волја, тие мора преку „конструктивно гласање недоверба“ истовремено да обезбедат апсолутно мнозинство за нов наследник.

Втората опција е самиот да поднесе оставка или да побара гласање за доверба, што во случај на пораз би отворило пат кон предвремени избори. Имајќи предвид дека стабилноста на Берлин е мотор за целата Европска Унија, секоја промена на власта би имала далекусежни последици и за евроинтеграциските процеси во нашиот регион.

Извор: Индекс.хр

е-Трн да боцка во твојот инбокс