Волво подготвува најголемо проширување на гамата во својата 99-годишна историја. Шведскиот производител планира до крајот на 2030 година да претстави дури 13 целосно нови модели, со кои сака да ја прошири понудата на повеќе пазари и да го зголеми својот удел.
Иако електрификацијата останува еден од главните столбови на стратегијата, Волво нема целосно да се откаже од моторите со внатрешно согорување. Компанијата паралелно развива нови електрични модели и хибридни автомобили, сметајќи дека дел од купувачите сè уште не се подготвени целосно да преминат на електрични возила.
Седум модели за Европа и Северна Америка
Од 13-те нови модели, седум ќе бидат наменети за западните пазари, меѓу кои Европа и Северна Америка, додека шест ќе бидат развивани за кинескиот пазар. Планот не се однесува само на пополнување на постојните категории. Волво најавува и влез во нови сегменти, што значи дека во понудата би можеле да се појават модели какви што моментално ги нема.
Компанијата неодамна ги освежи XC40, EX40, EC40 и XC60, а XC60 и XC90 добија и нови plug-in хибридни верзии со поголем електричен досег.
Дали Волво повторно ќе прави каравани?
Еден од најинтересните можни потези е враќањето на караваните. Волво со децении беше препознатливо по овој тип автомобили, но компанијата засега не потврдува дека конкретен нов караван е дел од планот.
Како ќе изгледа новиот дизајнерски правец на марката би требало да стане појасно во 2027 година, кога Волво планира да претстави нов концепт. За дизајнерскиот правец ќе биде задолжен тим предводен од Томас Ингенлат, кој се враќа на позицијата главен директор за дизајн на Волво по седум години поминати на чело на Полестар.
Повеќе заедничка технологија со Џили
Новите автомобили за Европа и другите западни пазари ќе ги користат архитектурите SPA2 и SPA3. На SPA2 веќе се базираат EX90 и ES90, додека електричниот EX60 ја користи поновата платформа SPA3. Во план е и користењето на компјутерската платформа „ХугинКор“. Моделите за кинескиот пазар ќе користат заеднички платформи и технологии развиени во соработка со матичната компанија на Волво, Џили.
Токму соработката во рамките на групацијата треба да стане уште поважна. Волво и Џили планираат до 2030 година уделот на заеднички компоненти меѓу различните марки во групацијата да го зголемат од околу 10 на дури 30 проценти. Целта е да се намалат трошоците за развој и производство во период кога автомобилската индустрија вложува огромни средства во електрификацијата и развојот на софтверот.
„Нашите салони во 2030 година ќе изгледаат сосема поинаку“
Главниот извршен директор на Волво, Хокан Самуелсон, ги опиша промените како темелна трансформација на компанијата.
„Нашите салони во 2030 година ќе изгледаат сосема поинаку“, порача Самуелсон, додавајќи дека Волво сака да стане „водечки премиум автомобилски бренд“.
Стратегијата се потпира на четири главни насоки: понуда приспособена на различни светски пазари, електрификација, поголема соработка со Џили и проширување на услугите за купувачите. Покрај третата генерација хибриди со продолжен електричен досег, Волво планира да продолжи и со далечински софтверски надградби на автомобилите.
Компанијата најавува и поедноставен процес на купување – потранспарентна понуда, специјални акции и однапред конфигурирани верзии што би можеле побрзо да им бидат достапни на купувачите.