60. издание на Македонскиот театарски фестивал ќе биде отворено со „Мачкина глава“, а ќе го затвори „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ.
Јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни 2026 година, под мотото „Храбриот нов театар“.
Фестивалот годинава ја носи темата „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, а во програмата се вклучени 10 претстави во официјална селекција и 4 претстави во придружна програма.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Драмски театар – Скопје. Затворањето е резервирано за гостувањето на Београдско народно позориште со претставата „Црно злато“, во режија на Оливер Фрљиќ.
Годинава фестивалот има и авторски фокус на Дејан Дуковски, а уметничката директорка Ана Стојаноска истакнува дека селекцијата била една од најпредизвикувачките досега, со 54 изгледани претстави од институционални и независни продукции.
„Современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност“, вели Стојаноска.
Според неа, овогодишната програма е поставена токму околу темата за кризата на човекот и општеството, со претстави што отвораат прашања за современиот театарски јазик, актерската креација и позицијата на македонската драма денес.
По одлука на Собранието на фестивалот, годинава награда за животно дело ќе добијат актерот Атила Клинче, режисерот Сашо Миленковски, сценографот и основач на Театарот за деца и младинци Љубомир Чадиковски и актерот Веби Ќерими.
Организаторите информираат и дека, по предлог на семејството на актерот Кирил Ристоски, наградата за главна машка улога од оваа година ќе го носи неговото име, во чест на неговиот придонес кон македонскиот театар.
Во официјалната селекција се претставите „Амадеус“, „Едмонд“, „Ивона принцезата на Бургунд“, „Калигула“, „Мачкина глава“, „Носорози“, „Случајната смрт на еден анархист“, „Страв и надеж“, „Црнила“ и „Челинџ“.
Во придружната програма се избрани „Вилицата на Ибен Бајерс“, „Драга Јелена Сергеевна“, „Невиност“ и „Сина сенка“.
За наградите ќе одлучува жири во состав: Снежана Конески-Руси, актерка и режисерка, Дарко Лукиќ, театролог и автор од Хрватска, и Аида Буквиќ, театарска и филмска режисерка од Хрватска.
Во рамките на јубилејното издание ќе биде посветен ден на авторот во фокус, Дејан Дуковски, а ќе бидат организирани и три изложби, меѓу кои и изложба посветена на 60 години фестивал. И годинава ќе се одржи „Музеј во движење“, со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.
Фестивалот ќе ја продолжи и Детската зона, а студентите на Факултетот за драмски уметности ќе учествуваат во улични театарски перформанси. Во програмата се најавени и промоции и дополнителни настани.