Водоводот во Крушево е поставен во шеесеттите години на минатиот век, а проблеми со водоснабдувањето на градот има во последните 30 години.
Градоначалникот на општина Крушево, Нико Чонески уверува дека проблемот со неисправната вода за пиење ќе се надмине набрзо, а исто така најави и чести контроли на квалитетот на водата за пиење.
„Ова не е нов проблем, туку со истиот сме се соочувале повеќе пати во минатото. Водата секојдневно, 3-5 пати се проверува за присуство на хлор, со соодветно документирање од резултатите. Додека, два пати месечно се проверува бактериолошката исправност од страна на Центарот за јавно здравје. Општината заедно со ЈП „Комуна“- Крушево, за надминување на оваа состојба и понатаму врши редовно хлорирање и проверка на количините на хлор во водата“ изјави градоначалникот.
По добиените резултати од анализите Центарот за јавно здравје во Прилеп донесе одлука да забрани пиење на водата од крушевскиот водовод, додека истата може да се употребува за лична хигиена, а за готвење мора да се преврива најмалку 10 мин.