Водните ресурси во Македонија под притисок, експертите дискутираат за иновативни решенија за заштита

Во Скопје ќе се одржи панел-дискусија за предизвиците со загадувањето, климатските промени и можностите за иновации во управувањето со водите.

Водните ресурси во Македонија се соочуваат со сѐ поголеми притисоци, меѓу кои индустриското загадување, непречистениот отпад и последиците од климатските промени, кои директно влијаат врз квалитетот и нивото на водата.

Овие процеси имаат сериозно влијание и врз биолошката разновидност која зависи од водните екосистеми, поради што експертите предупредуваат дека се потребни нови и иновативни пристапи за нивна заштита.

Со цел да се поттикнат решенија и да се инспирираат идни иноватори, Лазар Николов од Македонското еколошко друштво ќе учествува на панел-дискусијата „Справување со водните предизвици во Северна Македонија преку иновации“, која ќе се одржи во Netaville во Скопје, со почеток во 18:00 часот.

На панелот ќе учествуваат и Даниела Наумоска од Министерството за животна средина и просторно планирање, Ромео Тренов од Управата за водостопанство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Настанот се одржува во пресрет на 11-от CASSINI хакатон во Скопје, кој е посветен на примена на сателитски податоци од ЕУ за развој на иновативни решенија за заштита на водните ресурси.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат и да откријат како вселенските податоци можат да придонесат за следење, заштита и одржливо управување со водите, како и за развој на нови еколошки идеи и стартапи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни