Најновите анализи на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваат дека Водата во Охридското Езеро на најголем дел од испитаните локации ги исполнува условите за капење.
Од први до десети јуни биле извршени физичко-хемиски испитувања на 11 мерни точки, на потегот од авто-кампот „Андон Дуков“ до хотелот „Ројал“.
На осум локации водата била класифицирана како прва класа, а на две како втора класа. Овие води, според важечките прописи, се погодни за капење и рекреација.
Отстапување било регистрирано кај плажата „Грашница“, каде водата била оценета како трета класа.
Примероците биле земени на оддалеченост од 20 до 100 метри од брегот и на длабочина од два до три метри.
Испитувањата ги опфатиле локациите кај авто-кампот „Андон Дуков“, „Грашница“, „Лабино“, градското пристаниште, плажите „Ј’но“, „Сараиште“, „Потпеш“ и „Канео“, одморалиштето „Партизан“ и хотелите „Мизо“ и „Ројал“.
Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека редовното следење на квалитетот на езерската вода продолжува и во текот на летната сезона, со цел навремено да се откријат евентуални промени кои би можеле да го загрозат здравјето на капачите.