Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е целосно безбедна, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.
Тој информираше дека АХВ, веднаш по добиените сознанија за загадувањето, издала решение за привремена забрана на употребата на водата и наложила преземање итни мерки.
Според Миланов, во најкус можен рок треба да се обезбедат техничка вода и вода за пиење за жителите на Гостивар, а на локалните власти им е наложено да преземат активности за санација на системот.
На 13 јули водата била оценета како исправна
Миланов посочи дека последниот извештај што АХВ го добила од Центарот за јавно здравје – Гостивар бил од 13 јули. Во него било наведено дека водата е исправна за пиење.
Но, според истрагата на Основното јавно обвинителство, во периодот од 25 јуни до 16 јули во водоснабдителниот систем биле поставени диви пумпи кои внесувале вода со фекално загадување во мрежата.
Обвинителството утврдило дека при увидот на 16 јули две потопни пумпи сè уште работеле. Тие преку црева внесувале вода од отворен канал со колиформни бактерии во комората од која се снабдува системот за вода за пиење.
Засилени контроли низ целиот систем
Во тек се засилени инспекциски контроли. Мостри се земаат од целиот водоснабдителен систем, како и од градинки, здравствени установи, угостителски објекти, верски објекти и други јавни институции.
Од АХВ најавија дека ќе бидат санкционирани сите субјекти кај кои ќе се утврди непочитување на изречените мерки.
Миланов ги повика граѓаните строго да ги почитуваат препораките на здравствените институции и да не ја користат водата за пиење или подготовка на храна сè додека не бидат објавени конечните лабораториски резултати.
Хоџа: Мора да се утврди одговорност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оцени дека станува збор за сериозен инцидент.
Тој порача дека мора целосно да се утврдат сите околности, како и кривичната и моралната одговорност на сите инволвирани.
Во истрагата на Обвинителството осомничени се директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Нуредини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Дервиши.
Според сомнежите на Обвинителството, тие овозможиле загадување на водата во системот што ги снабдува со вода за пиење Гостивар и дел од околните населени места.