Контрадикторни тврдења за водата во Гостивар: АХВ забрани употреба, директорката на „Водовод“ ја отфрла одговорноста

Во Гостивар продолжуваат контрадикторните тврдења за причините за масовните стомачни инфекции. АХВ издаде забрана за користење на водата од градскиот водовод, додека директорката на ЈП „Водовод“ тврди дека системот не е извор на проблемот.

Додека Агенцијата за храна и ветеринарство издаде привремена забрана за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна, директорката на ЈП „Водовод“ – Гостивар, Артана Асани, тврди дека водоснабдителниот систем не е причина за зголемениот број заболени граѓани.

Како што пренесува ТВ „Телма“, Асани ги отфрла сомнежите дека водата е извор на здравствените проблеми што деновиве го погодија Гостивар.

„Меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“, изјавила директорката, додавајќи дека, според неа, можно е повеќе од 1.200 заболени граѓани да се затруле од храна или поради високите летни температури.

Нејзината изјава предизвика реакции на социјалните мрежи, каде дел од граѓаните го доведоа во прашање ваквото објаснување.

АХВ забрани користење на водата до резултатите од анализите

Ставот на директорката се разликува од информациите што ги објавија Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи.

АХВ соопшти дека, по известување од Основното јавно обвинителство во Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од МВР, бил спроведен вонреден инспекциски надзор на пречистителната станица за вода во Вруток.

Според Агенцијата, при контролата било утврдено дека во главниот цевковод на водоснабдителниот систем, без одобрение, била поставена пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

Од Институтот за јавно здравје биле земени мостри за лабораториско испитување, а до добивањето на резултатите АХВ издаде привремена забрана за користење на водата за пиење и подготовка на храна.

МВР постапува по сомнение за загадување на вода за пиење

Во меѓувреме, од СВР Тетово информираа дека по насока на јавен обвинител постапувале поради сомнение за загадување на водата со која се снабдува Гостивар.

Според МВР, постојат основи на сомнение дека ЈП „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои вода директно се вбризгувала во главниот цевковод со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг од вода за пиење.

Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“ од член 219 од Кривичниот законик.

Конечните причини за масовните стомачни инфекции ќе бидат познати по добивањето на лабораториските резултати и по завршувањето на истражната постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс