Search

Јелена Богојевиќ: Во недела добро ми доаѓа топла бања за релаксација

Јелена Богојевиќ е едно од најпрепознатливите ТВ лица. Признава дека ги сака камерите уште од мала. Таквата љубов и се родила уште пред 20 години кога играла во ТВ серијата за деца „Наше маало“, филмот „Бубачки“ и многу ТВ и радио реклами. Во својата професионална биографија има голем број на ТВ проекти, но и бројни радио емисии. Се одлучила за оваа професија, бидејќи сака да истражува, да учи нови работи, но и да комуницира со креативни, искрени и интелигентни луѓе.

Недела наутро:

Појадок и кафе, неизбежна комбинација веќе со години. А од неодамна најпрвин го подготвуваме појадокот за синот кој наполни 10 месеци. Сакам да го испијам првото кафе опуштено на тераса со сопругот и од рано наутро планираме како ќе го поминеме денот, ако е сончево секако го користиме времето за да одиме надвор.

Неделен ручек:

Вообичаено со сопругот и нашето бебе одиме на излет, шетаме во природа или во Скопје или надвор од градот. Доколку е убаво времето остануваме и цел ден, така што ручаме надвор и пиеме кафе. Знаеме да отидеме на ручек и кај моите или родителите на сопругот. Кога има расположение, се организираме и со пријатели, па седнуваме на ручек и поголемо друштво и уживаме во музика и вкусна храна. Ако сме дома, или сопругот или јас готвиме, тој знае одлично да подготвува паста и месо, риба, јас сум повеќе по подготвувањето традиционални манџи, готвени јадења. Кога нарачуваме храна, најмногу ја сакам пицата или пак кинеската кујна.

Недела попладне:

Во недела попладне ако сме дома, гледаме филм или пак одмараме, понекогаш го поминуваме времето со гости кај нас или пак одиме на гости. Кога имам време, сакам да го поминам и со добра книга или музика. Добро би дошла и топла бања и релаксација.

Неделно опуштање:

Со семејството или најблиските пријатели во опуштена домашна атмосфера. Периодов како се ближи летото во неделите се организираат и свадби и родендени на отворено, па знае и денот да биде подинамичен и забавен, исполнет со дружби и веселби.

Недела навечер:

Навечер вообичаено го бањаме Немања и го подготвуваме за спиење. Јас веќе размислувам за почетокот на работната недела и привршувам уште некоја обврска доколку имам за утрешниот ден, гледам да легнам и порано доколку е можно. Ако не сум јас на емисија, туку колегата Тино, тогаш не одам толку рано на работа, па не ми менува и да си легнам подоцна. Имаме навика со сопругот и да гледаме филмови и серии пред спиење.

Недела во детството:

Често бевме надвор со друштвото од зграда или од училиште, полетни и безгрижни. Имавме многу наши заеднички игри, а се сеќавам и на заедничкото правење проекти, пишувањето домашни задачи, читањето кои беа дел од детството. Шетањето со моите родители, а и седењето дома бидејќи недела е ден за семејството, секогаш беа проследени со насмевки, заеднички активности, помагање во домашните обврски.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?

Како кога, ако имам некој убав настан во план, тогаш едвај ќе чекам да дојде понеделник и ќе бидам нетрпелива. Во секој случај и понеделниците и целите работни недели ми поминуваат многу брзо, исполнети со работни и семејни обврски, време за одмор и прошетки, па додека да трепнеш – времето поминало.

Најново

Последни колумни