Меѓународен тим астрономи пронајде индиции за постоење на уште еден хипотетички свет на ледениот раб од Сончевиот Систем, далеку зад орбитата на Нептун. Преку компјутерски симулации што опфаќаат 4,5 милијарди години еволуција, научниците утврдија дека гравитациското влијание на планета со маса од една до две Земји, наречена Планета X2, ги објаснува екстремно навалените и оддалечени патеки на ледените тела надвор од Кајперовиот појас.
Подрачјето на познатите планети завршува зад Нептун и преминува во темно, ледено пространство каде што сончевата светлина е 900 пати послаба отколку на Земјата. Нептун кружи на просечна оддалеченост од 30,1 астрономски единици, односно 30 пати подалеку од Сонцето во споредба со нашата планета. До земјините телескопи допира само мал дел од светлината што се одбива од објектите во тој далечен појас.
Со развојот на помоќни телескопи во последните години, астрономите мапираа доволен број транснептунски објекти за да ги забележат отстапувањата во нивното движење. Додека повеќето патеки се под директно влијание на џиновските планети, особено на Нептун, две групи ледени тела покажуваат орбити што не можат да се објаснат со познатата структура на системот. Едната група има орбити наклонети под екстремни агли, а кај другата најблиската точка до Сонцето се наоѓа далеку зад орбитата на Плутон.
„Тоа е малку како стапалки во снегот. Ви кажуваат дека таму поминал некој кого не сте го очекувале“, изјави планетарниот научник Џонти Хорнер од Универзитетот на Јужен Квинсленд во Австралија за научниот портал „Сајанс алерт“ (Science Alert).
За да го решат ова отстапување, астрономите Патрик Софија Ликавка од Универзитетот на Јужен Квинсленд и Универзитетот Киндаи во Јапонија, Педро Бернардинели од Универзитетот во Вашингтон во САД и Џонти Хорнер изработија детални компјутерски симулации. Моделите ја следеа еволуцијата на надворешниот Сончев Систем низ 4,5 милијарди години, од неговите најрани фази до миграцијата на џиновските планети на нивните денешни позиции.
Кога тимот ги споредил моделите со четирите познати џиновски планети со симулациите во кои е додаден уште еден далечен свет, резултатите се промениле. Дополнителната планета во симулациите генерирала популации од ледени тела со високо наклонети и одвоени орбити, слични на оние што телескопите реално ги регистрираат.
Според пресметките објавени во списанието „Месечни известувања на Кралското астрономско друштво“ (Monthly Notices of the Royal Astronomical Society), најблиското совпаѓање го дава планета со маса од 1 до 2 пати поголема од Земјината. Овој хипотетички свет, означен како Планета X2, би се движел по далечна орбита со голема полуоска меѓу 350 и 500 астрономски единици и никогаш не би се приближил до Сонцето на помалку од 200 астрономски единици.
„Ако оваа планета постои, таа би можела да го промени начинот на кој ја разбираме историјата на нашиот Сончев Систем и како неговите најоддалечени објекти дошле до толку необични орбити“, наведе Ликавка во официјалното соопштение.
Оваа хипотеза е одвоена од теоријата за таканаречената Деветта планета, која се темели на поинаков образец на орбитални аномалии. Според анализа од 2025 година, проценетата маса на Деветтата планета изнесува околу 4,4 Земјини маси, со голема полуоска од приближно 290 астрономски единици. Бидејќи двете теории објаснуваат различни групи на оддалечени тела, постои простор во надворешниот систем да се наоѓаат и двете тела, само едното или ниту едно.
Астрономските набљудувања на други ѕвездени системи покажуваат дека планетите често не остануваат на местото каде што настанале. Во раните фази на формирање, гравитациските интеракции меѓу растечките тела можат да ги исфрлат помалите светови кон надворешните рабови на системот. Доколку Планета X2 постои, таа веројатно се формирала многу поблиску до Сонцето, пред џиновските планети гравитациски да ја исфрлат во далечните делови на системот.
Симулациите на Ликавка, Бернардинели и Хорнер не даваат целосно совпаѓање со сите набљудувани податоци. Иако моделите успешно репродуцираат дел од карактеристиките на далечните објекти откриени преку истражувањето „Дарк енерџи сурвеј“ (Dark Energy Survey), распределбата на нивните големи полуоски сè уште отстапува од реалните мерења. Хорнер истакна дека при толку мал примерок на досега откриени објекти и сложена еволуција на системот, совршено совпаѓање не се ни очекува, туку моделот претставува силна почетна точка за понатамошни проверки.
Следната фаза во проверката на оваа хипотеза веќе се одвива преку опсерваторијата „Вера Ц. Рубин“ (Vera C. Rubin Observatory) во Чиле. Нејзиниот чувствителен телескоп е дизајниран да открие голем број досега невидливи транснептунски објекти, што на астрономите ќе им обезбеди далеку поголем примерок за тестирање на моделите и евентуално директно забележување на самата планета.
