Започна косењето на влажните ливади во Преспа: Седма година по ред заштита на редок екосистем

Во Преспа започна косењето на влажните ливади, активност што седма година по ред се реализира во партнерство со Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, локални сточари и земјоделци, информираат од Македонското еколошко друштво.

Одржливото управување со влажните ливади има исклучително значење за зачувувањето на природните вредности на Преспа.

Со редовното косење се обезбедуваат поволни услови за опстанок на бројни растителни и животински видови, а истовремено се поддржуваат и одржливите земјоделски и сточарски практики.

Сеното ќе биде предадено на локални сточари и на НП „Галичица“

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека сеното добиено од косењето ќе биде предадено на локални сточари и на Националниот парк „Галичица“.

Таму ќе се користи за потребите на репродуктивниот центар за европскиот елен.

На тој начин, активноста претставува пример за интегриран и цикличен систем на одржливо управување, во кој институциите, заштитените подрачја и локалната заедница заеднички придонесуваат за зачувување на природата.

Придобивките од ова управување повторно се враќаат кај луѓето и екосистемот.

Ќе се следи и состојбата на растителните заедници

Како дел од овогодинешните активности, ќе биде спроведена и фитоценолошка анализа.

Целта е преку научни методи да се следи развојот на растителните заедници и да се оцени влијанието на применетите мерки за управување врз биолошката разновидност и еколошката состојба на влажните ливади.

Одржливото управување со влажните ливади во Преспа се реализира во рамки на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“.

Проектот е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, AAGE V. Jensen Naturfond и EuroNatur.

е-Трн да боцка во твојот инбокс