Рускиот претседател Владимир Путин го отфрли повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба, на која би се разговарало за можен крај на војната меѓу Русија и Украина.
Говорејќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин упати критики кон Зеленски и порача дека не е најважна возраста на лидерите, туку нивната способност успешно да ја извршуваат својата работа.
Претходно, Зеленски испрати отворено писмо до рускиот лидер, во кое предложи директни разговори и оцени дека продолжувањето на војната носи сè поголем товар за руската економија и армија. Во писмото тој наведе дека расте заморот од Русија и меѓу дел од нејзините меѓународни партнери.
Путин, пак, изјави дека никогаш не одбил состанок, но нагласи дека пред евентуална средба мора да има сериозни подготовки и договорени основи за разговорите. Тој повторно се повика на разговорите што ги имал со Доналд Трамп во Алјаска минатата година.
Во своето писмо, Зеленски истакна дека прашањата поврзани со Украина и Европа не можат да се решаваат без директно учество на засегнатите страни.
Кремљ, пак, и понатаму инсистира на своите услови поврзани со териториите што Москва ги смета за дел од Русија.