Во атмосфера исполнета со емоции, спомени и аплаузи, денес во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје беше промовирана авторизираната биографија на Владимир Богоевски, еден од најголемите спортски великани и симболи на македонскиот олимписки спорт.


Автор на книгата е легендарниот спортски новинар и хроничар на македонскиот спорт Златко Калински, кој низ страниците ја раскажува животната приказна на Богоевски – од неговите први спортски чекори, преку предизвиците и успесите, до врвовите што ги достигнал со својата дисциплина, посветеност и спортска дарба.
Книгата не се задржува само на резултатите и медалите, туку го прикажува и човечкиот аспект на Богоевски, неговата борбеност, карактер и улогата што ја имал во афирмацијата на Македонија на меѓународната спортска сцена.
На промоцијата присуствуваа голем број спортски и јавни личности, меѓу кои авторот Златко Калински, претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, првиот тренер на Богоевски Таки Џиков, како и поранешниот претседател на МОК Васил Тупурковски. На настанот беше присутна и претседателката Гордана Силјановска Давкова, која е долгогодишна пријателка на Богоевски.
Салата беше исполнета со членови на семејството, пријатели, спортски работници и почитувачи на неговата кариера, а присутните со емоции се потсетија на спортските достигнувања и животниот пат на човекот кој остави силен белег во македонскиот спорт.
Организаторите порачаа дека ова дело претставува сведоштво за еден живот посветен на спортот, олимписките вредности и Македонија, но и инспирација за идните генерации спортисти.