Search

Влада Урошевиќ: Значаен дел од моето творештво се должи на фантазијата и нејзината потврда во стварноста

Влада Урошевиќ е мајстор за раскажување приказни, човек кој може да го слушаш со часови како раскажува, затоа што има што да каже а и начинот и жарот со кој раскажува е единствен. За време на интервјуто кое траеше безмалку три часа раскажа многу случки, изнесе многу ставови и ни откри по некоја тајна која верувам ретко кој ја знае. И токму од таа причина интервјуто го поделивме на два дела. Во првиот дел ќе можете да прочитате што е вистина, а што фикција од неговиот награден роман, „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и четирите прстени“, за тајните кои ги крие неговиот прстен, за омилениот дел од Скопје и уште многу работи…Во вториот дел ќе прочитате за ДПМ, за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, за наградите и признанијата, ама и за тоа што смета тој за негов најголем успех.

Кога почнав да ја читам книгата, веднаш ми се виде чуден насловот, „Вистинита, но не многу веројатна историја…“ Ако е вистинита, зошто не е многу веројатна?

„Неверојатна, но вистинита требаше да се вика ама јас го превртев малку насловот и го направив двосмислен. Можам да ви кажам дека сето ова сум го измислил, меѓутоа се случија неколу работи подоцна што сега не сум сигурен дали е измислено или вистина…

Бидејќи станува збор за аптека во романот се јавив кај една пријателка од детството чиј татко беше аптекар и почнав да ја распрашувам како татко и набавува лекови ,од каде и слично. Таа ме праша зошто ти треба ова и и ја раскажав приказната накратко и таа рече, па јас ја знам таа фамилија и се сеќавам на тој аптекар, ама чекај ѝ велам јас сум го измислил ова. Не, не вели таа, постоеше навистина. Тие имаа откупено одамна една турска куќа покрај Вардар, ја гледавме оддалеку куќата ама не смеевме да влеземе внатре, беше напуштена страшна.

Не знаеме какви вистински вистини има зад она што го произведува нашата имагинација“, вели Влада Урошевиќ и самиот не можејќи да го објасни логично овој феномен.  

На прашањето каде го има најмногу него во книгата, тој одговара: „Во описите на годишните времиња, во климата на Скопје, во атмосферата, чисто небесна атмосфера во сето тоа ме има мене најмногу бидејќи потекнува од некоја моја опсервација, можеби и во куќата…

Кога сме кај куќата, јас мислам дека куќата е вистинската главна личнст во романот и зазема многу значајно место во мојот роман. Мене многу ме поттикнува на размислување и сеќавања, затоа што во многу куќи сум живеел ама за жал од сите сум морал да се иселам да бегам.  Едно време мислев да напишам книга, документарен роман кој ќе се викаше Седумте куќи од кои морав да се иселам, тоа е една долга приказна која го зафаќа периодот на Втората светска војна. За мене куќата многу значи, јас сум се врзувал за некои куќи ама за жал сум морал да ги напуштам, во таква куќа не сум живеел баш, ама сум живеел во необични куќи, залутани куќи кои секако ми биле некаква инспирација во моето творештво.

Не сум живеел покрај река, ама секогаш ме привлекувале тие куќи што стојат покрај река, тече река, тече времето и тие се поврзани на еден друг начин со природата, порано така мислев а и сега дека сигурно станува збор за чудаци или некои посебни луѓе кои живеат во такви куќи. Но, сигурно дека некои од куќите покрај Варадр ми оставиле впечаток, можеби нешто има од нив во книгата“.

Во митовите и легендите постојат многу приказни, ама и вистини кои ден денес се основа на многу работи. Некако се наметнува дека сите раскажувачи кои во основа имаат приказна мора да веруваат во нив. Што мислите дали Влада верува во нив? Секако, оттаму му е ѝ генијалноста, да го поврзе митот со реалноста.

„Уживам да наоѓам потврди на тоа дека во тие легенди и митови има некаква вистина и секогаш сум возбуден кога ќе го окријам тој заден план на митот, потврдата на митот. Значаен дел од моето творештво се должи токму на тоа, поврзаноста на имагинацијата и фантазијата и нејзината потврда во стварноста.

Има теории дека зад секој мит стои вистински настан и потоа раскажуван дополнуван видоизменувам, јас горе долу верувам во тоа, дека постоеле тие луѓе кои потоа се претвориле во митови, поминувајќи низ многу трансформации“, раскажува Влада.

Една од приказните која ја раскажа Влада е „Приказна со прстенот и таинствениот прашок“ и тоа како одговор на прашањето: Дали можеби има некоја приказна поврзана со прстенот кој вие го носите?

Прстенот е од Авганистан. Во времињата кога почнаа сите тие историски несреќи со Авганистан, со разни инвазии, многу авганстанци избегаа во Европа и многу дојдоа во Париз, така што во еден миг во Париз имаше многу старинарници во кои можеа да се купат стари предмети од Авганистан. Мене ова ми е подарок, јас го избрав. Интересен ми е затоа што ахатот е од Кина и цртежот е изгледа на кинески мајстор, тоа е коњ кои прескокнува преку планини. Сребрениот опков околу е типична исламаска уметност на средна Азија. Ова е спој на две цивилизации прстен. Ми беше преголем, барав да се стесни. Го однесов тука кај еден мајстор во стара чаршија во Скопје. Добро рече мајсторот ама ако го стеснувам ќе биде изложен на висока температура и може да пукне ахатот. Што е излезот, прашувам. Ќе го извадиме ахатот, тоа е. Ама сакам ти да седиш тука за да видиш дека се сум направил за да излезе добро. Седнав покрај него, почна да работи, кога го извади ахатот, имаше едно капаче мало сребрено и од под капачето почна да тече еден бел прашок и тој истече и стана едно купче бел прашок пред нас. Мајсторот ме прашува што е ова, а јас велам од кај да знам. Може да биде некоја дрога, може да биде и некој отров. Ниту јас, ниту мајсторот се осмеливме да го лизнеме. Се мислевме што да му правиме, каде да го однесеме да го испитаат прашакот и на крајот го фрливме.

На прашањето „Колку од старите скопски куќи кријат приказни?“, тој вели:  Сигурно е дека секоја стара куќа има своја историја, свој карактер. Тие куќи имаат низа на жители кои поминале низ неа, секој од тие жители е приказна за себе, возбудливо е да се размислува што се можело да се случува во тие куќи во текот на времето. Мене ме возбудуваат куќите со стара архитектура, поради тоа што тие го покажуваа секогаш на извесен начин не само вкусот на тој што ја нарачал куќата да се прави, туку го покажува и неговиот поглед на свет, неговото образование, неговите афинитети, имаше пред земјотресот многу куќи на кои што имаше разни видови на украси, на симболи.

Малку околу предземјотресно Скопје

Скопје имаше архитектонски целини кои јас многу ги сакав, а особено оние во Еврејско маало.  Тука имаше една низа од 7-8 куќи во ист стил, едни куќи кои се уште може да ги видите во Солун, со железни балкони. Мислам дека тоа беше најрепрезентативната целина на градска архитектура затоа што стоеја во ист ред. Несреќата што го снајде Скопје во 1963 беше двојна, прво дојде земјотресот а потоа дојдоа и урбанистите кои поим немаа за тоа што треба да се сочува, а што не. Страшно е што го разурнаа целиот дел помеѓу Вардар и старата чаршија. Тој дел беше многу интересен. Не се најде умен човек, тоа и да се фтографира. Јас имам неколку фотографии кои се направени во тој дел на Скопје, ќе помислите за некои улици дека сте во Андалузија, такви некои чудни куќи имаше, чудни дворови со чудни чешми од 17, 18 век, па сводови.

Малку околу брутализмот и постземјотресно Скопје

Мислам дека за жал ништо не успеал. Кензо Танге направи интересен план, ама тој во суштина не го разбра Скопје, мислам дека не му беше презентиран како што треба, јас сум го гледал тој план и беше многу интересен, тој замисли да речеме еден елипсовиден градски ѕид во центарот на Скопје ама никогаш не се реализира. Поврзани кули станбени кои беа поврзани и со надземни пешачки премини. Планот на КензоТанге воопшто не е исполнет како што тој го предвиде, направени се едно 15 објекти и толку, висинскиот ѕид, кружниот тек не е остварен, мислам дека сето тоа е залудно нема според мене добро остварување од тој натур бетон, не е правен со квалитетни материјали а и квалитетот на мајсторите е дискутабилен.

Омилен дел од Скопје

Јас ја сакам Илинденска, таа ми е поврзана со детството, со некои први впечатоци од излегување во град, таа не личи апсолутно на она што беше, уништена е 50 посто. Скопје не успеа да сочува еден дел од своето јадре негибнато. Архитетктите замислуваат куќа, зграда според своите сфаќања без да се прилагодуваат на целината и околината. Не се поврзуваат во една урбана целина.

Најново

Последни колумни