По релативно топлото време со умерена облачност, метеоролозите за утре попладне најавуваат локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Сепак, овој бран нестабилност нема да донесе долготрајно освежување. Веќе од четврток следува период на изразено топло време, а за време на викендот дневните температури во одделни делови од земјата ќе надминат 40 Целзиусови степени.
Вторник носи сончево и топло време претпладне, но во попладневните часови ќе дојде до развој на нестабилна облачност. Во повеќе региони се очекуваат локални врнежи од пороен дожд, засилен ветер и електрични празнења.
Слична временска слика се очекува и во Скопје. По сончевото претпладне, попладне во делови од скопската котлина ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд и засилен ветер.
Во среда ќе преовладува сончево време со мала до умерена локална облачност. Минималните температури ќе се движат од 11 до 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 31 до 37 степени.
Попладне, главно во планинските подрачја, ќе има зголемена облачност со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Од четврток следува стабилно и многу топло време. Во четврток и петок температурите ќе се искачат до 39, односно 40 степени, со слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Метеоролозите предупредуваат дека вистинскиот пик на топлотниот бран следува за време на викендот. Во деновите од викендот дневната температура во најтоплите региони во државата се очекува да ја пробие границата од 40 степени.