Виола Имери заминува во Париз како победничка на првата награда „Роксан Стојанов“

Младата балетска уметница Виола Имери, победничка на првата национална награда „Роксан Стојанов“, од 3 до 12 јули ќе престојува во Париз со професионална програма.

Младата балетска уметница Виола Имери, победничка на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.

Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.

Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции.

Награда под покровителство на претседателката

Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц Фест Скопје.

Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.

Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.

Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска.

Стипендии и за второ и третонаградената

Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД кампот, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје.

Со тоа, наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници.

Настап во Евиан и часови во Париската опера

Програмата за Виола во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим.

Веќе на почетокот на престојот, Виола ќе отпатува во Евиан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамки на Rencontres Musicales d’Évian / Музичките средби во Евиан, во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов.

Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, како и часови по современ танц и џез.

Нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска ќе има можност да присуствува на дел од часовите.

Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил, Опера Бастиља и Кралската опера во Версај, како и средба со Роксан Стојанов и можност Виола одблиску да се запознае со секојдневието на ѕвездата на Париската опера.

Меѓународно искуство за младата балетска уметница

Во рамки на престојот се предвидени средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и амбасадорот на Република Северна Македонија во Париз, Игор Николов.

Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и пример за тоа како преку соработка меѓу културни институции, дипломатски претставништва, мецени и професионалци од уметничката сцена, младите таленти можат да добијат конкретни можности за меѓународен развој.

„Нè доближивте до остварување на еден сон“

Дафина Данилоска Кочевска, менторка на Виола Имери, се заблагодари за организацијата на натпреварот „Роксан Стојанов“.

„Сакам од срце да се заблагодарам за заложбата и целокупната организација на натпреварот ‘Роксан Стојанов’. Навистина беше на завидно ниво. Заедно нè доближивте до остварување на еден сон. Ова е непроценливо искуство кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евиан за нас претставува предизвик кој со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови кои би го опишале чувството. Длабок поклон и голема благодарност“, изјави Данилоска Кочевска.

Од организацијата порачуваат дека наградата е создадена со јасна мисија — да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога таа поддршка може да биде пресудна за нивниот понатамошен професионален пат.

„Заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание, туку вистинска можност за учење, искуство, инспирација и отворање нови врати,“ порачуваат организаторите.

Со овој престој, Виола Имери ќе има можност да настапи, да учи, да гледа врвни продукции и да се поврзе со уметници и професионалци од една од најзначајните балетски средини во Европа.

Истовремено, нејзиното патување претставува силна порака до сите млади танцови уметници во земјата дека посветеноста, талентот и трудот можат да донесат реални можности и меѓународни перспективи.

Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција им изразуваат благодарност на сите партнери и поддржувачи кои ја овозможија реализацијата на овој престој: Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс