Градски парк наздравува: Јубилејниот Виноскоп почнува денес на Школка

Од денес до 17 мај, Градски парк ќе биде адреса за добро вино, музика и урбано дружење под отворено небо.

Јубилејното 15-то издание на Виноскоп започнува денеска на Школка во Градски парк, со петдневна програма исполнета со вино, музика, гастрономски содржини и пролетна фестивалска атмосфера. Фестивалот ќе трае до 17 мај и повторно ќе го претвори Градски парк во едно од најживите места за дружење во Скопје.

Виноскоп низ годините прерасна во препознатлив градски настан, кој го спојува виното како култура, музиката како заеднички јазик и паркот како отворена сцена за средби, наздравувања и урбано дружење. Јубилејното издание носи богата винска понуда, гастрономски содржини и музичка програма што секој ден ќе има свој посебен ритам.

Фестивалската програма започнува вечерва со настапите на Александар Јорданов, Happy End Band и Либеро Бенд. Во четврток, 14 мај, публиката ќе ја забавуваат DJ Марио, Виа Скопје и Куку Леле, додека петок, 15 мај, е резервиран за DJ Карлито, Здравев Music, Огнен и Пауза за ракија.

Саботата носи целодневна фестивалска динамика. Програмата започнува од 12:00 часот со DJ Resident, продолжува со Hat and Harmony, DJ Bella и Мијата, а вечерта ќе ја заокружат Оркестар Дива, Ивана Карајан, Филип Карајановски и Пасио бенд.

Последниот фестивалски ден, недела, 17 мај, е замислен како опуштено дневно дружење од 12:00 до 18:00 часот, со DJ Oky Doky, DJ Chvare и DJ Strajk. Од денес до 17 мај, Градски парк ќе биде адресата за добро вино, музика и пролетно наздравување во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс