Се сеќавате на Divine? Кратките видеа од шест секунди повторно се враќаат, но овојпат без вештачка интелигенција и без алгоритми кои одлучуваат што ќе гледате. Новата платформа Divine официјално ја отвори својата јавна верзија, нудејќи поинаков пристап кон кратките видеа и социјалните мрежи. Наместо бескрајно скролање и содржина оптимизирана за алгоритми, идејата е корисниците повторно да создаваат и споделуваат содржина заради самата забава и креативност.
Divine овозможува објавување видеа во траење до шест секунди, кои се прикажуваат во бесконечен циклус. Концептот потсетува на Vine, платформата која Twitter ја започна во 2013 година, а ја затвори четири години подоцна.
Зад Divine стои еден од луѓето од тимот на Twitter
Платформата ја создаде Еван Хеншо-Плат, познат и како Rabble, кој бил дел од основачкиот тим на Twitter. Неговата идеја е да се понуди поинаков модел на социјална мрежа, во време кога TikTok, Instagram Reels и YouTube Shorts во голема мера зависат од системи за препораки кои одредуваат која содржина ќе стигне до корисникот.
Divine има и една прилично необична политика а тоа е целосно забранува содржина генерирана со AI. Наместо креаторите да се обидуваат да го „надмудрат“ алгоритмот за да добијат поголем број прегледи, платформата сака фокусот да биде ставен врз самата содржина и заедницата.
Наместо „doomscrolling“ – „joyscrolling“
Филозофијата на Divine е опишана како обид за замена на бескрајното и често пасивно „doomscrolling“ со таканаречено „joyscrolling“.Корисниците веќе создаваат мемиња, организираат неделни креативни предизвици и формираат заедници според различни интереси.
Платформата воведува и алатки за креаторите, меѓу кои stop-motion анимација и систем за напојници, со цел авторите да можат директно да ја поддржуваат својата работа.
Не сака да биде уште една затворена платформа
Divine е изграден врз отворениот протокол Nostr, што треба да овозможи поголема независност од една централизирана платформа. Идејата е корисниците да имаат поголема контрола врз својот дигитален идентитет и содржината што ја создаваат, наместо сè да зависи од една компанија и нејзините правила. Платформата веќе е достапна за iOS и Android, како и преку десктоп-верзија. На Divine се достапни и дел од старите содржини од Vine, зачувани преку Internet Archive.
Дали Divine навистина може да стане сериозна конкуренција на TikTok и другите гиганти останува да се види. Но, во време кога сè поголем дел од интернетот се полни со AI-содржина и алгоритамски препораки, идејата за социјална мрежа што намерно оди во спротивна насока очигледно повторно наоѓа публика.