Вилијам Шатнер стана металец, Капетан Кирк формираше свој бенд

По децении на филмското платно, 95-годишниот актер одржа клубски концерт во Чикаго и подготви цел албум со жестоки гитарски рифови.

Актерот Вилијам Шатнер официјално дебитираше на хеви метал сцената со својот новоформиран бенд The *uckers, со настап во салата „Парк вест“ во Чикаго пред претстојното учество на фестивалот Рајот фест. Познат по улогата на капетанот Џејмс Т. Кирк во култниот серијал „Ѕвездени патеки“, 95-годишниот глумец пред изненадената публика изведе шест песни, најавувајќи ново поглавје во својата долга кариера.

Репертоарот на Шатнер и неговиот придружен состав содржеше шест нумери. Публиката во Чикаго чу изведби на класици од метал жанрот: „Crazy Train“ од Ози Озборн, „Enter Sandman“ на Металика и „Ace Of Spades“ од Моторхед. За разлика од неговите поранешни музички проекти кои главно се потпираа на рецитирање и „spoken-word“ форма, овој настап донесе директна клубска свирка со цврст гитарски звук.

Покрај познатите кавери, актерот промовираше и три авторски песни од претстојниот материјал. Албумот носи провокативен наслов „What The F Is Heavy Metal?“ и наскоро треба да се појави во целост.

Шатнер, кој зад себе има награди Еми и Златен глобус и главни улоги во серии како „Бостонско право“ и „Ти Џеј Хукер“, не ја забавува динамиката ниту во длабока старост. Пред неколку години, на 90-годишна возраст, тој полета на работ на вселената со ракетата на компанијата „Блу ориџин“.

Своето влегување во метал водите актерот го објасни кратко преку социјалните мрежи. Напиша: „Ја истражував вселената. Го истражував времето. Сега… истражувам дисторзија.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс