Принцот Хари се подготвува за враќање во Велика Британија заедно со Меган Маркл и децата, но односите со неговиот брат, принцот Вилијам, остануваат замрзнати. Иако нивната мајка, принцезата Дијана, ги терала да ветат дека секогаш ќе се држат заедно, двајцата не комуницираат речиси три децении по нејзината смрт. Ниту дијагнозата на кралот Чарлс Трети не успеа да ги приближи раскараните браќа, кои последен пат се појавија заедно во септември 2022 година.
Јазот меѓу браќата стана непремостлив по објавувањето на мемоарите на Хари под наслов „Резерва“ во 2023 година и претходното интервју со Опра Винфри. Во книгата, војводата од Сасекс го опиша Вилијам како избувлив и тврдеше дека физички го нападнал за време на расправија.
„Свесен сум дека некои членови на семејството никогаш нема да ми простат за книгата“, призна Хари во интервју за Би-би-си во февруари 2025 година, кога изјави дека му недостига татковината и сака помирување.
Сепак, кралските аналитичари сметаат дека Вилијам нема намера да попушти. Ричард Фицвилијамс посочува дека идниот крал се чувствува предаден и остро се противи на каков било обид за приближување.
Односите почнаа да се уриваат уште во 2016 година, кога Хари ја претстави Меган Маркл пред семејството. Вилијам тогаш го советуваше помладиот брат да не брза во врска со три години постара и разведена американска актерка. Почетната слика за „фантастичната четворка“ брзо избледе.
Хари го обвини семејството дека не направило ништо за да ѝ помогне на Меган да се прилагоди на строгиот протокол. Незадоволството кулминираше на почетокот на 2020 година, кога парот ги напушти кралските должности и се пресели во Соединетите Американски Држави.
Кралскиот историчар Ед Овенс смета дека помирувањето на крајот ќе биде неопходен потег за зачувување на угледот на круната.
Кога Вилијам ќе седне на престолот и ќе застане на чело на Англиканската црква, негова христијанска должност ќе биде да му прости на својот брат. Според Овенс, тој чин ќе бара време, но ќе му овозможи на идниот монарх да изгледа великодушно пред јавноста.