Популацијата на видрите во Македонија опаѓа, МЕД предупредува на загрозени живеалишта

Иако видрата е строго заштитен вид во Македонија, постојат индикации дека нејзината популација се намалува. Од Македонското еколошко друштво предупредуваат дека главните закани за овој вид се уништувањето и деградацијата на живеалиштата, загадувањето на водите, намалувањето на рибниот фонд, изградбата на мали хидроцентрали и криволовот.

Видрите зависат од чисти водни екосистеми, доволно храна и зачувана крајбрежна вегетација. Токму затоа, нивното присуство е важен показател за состојбата на реките, езерата и влажните живеалишта.

„Особено е важно континуирано да се следи состојбата на популацијата на видрите, но и да се зачуваат крајбрежните и водните живеалишта од кои зависат тие. Со заштитата на видрите, ние не заштитуваме само еден вид – ги чуваме водите, природата и нашата заедничка иднина. Кога ги чуваме видрите, ја чуваме и Преспа“, нагласуваат од МЕД.

Од Македонското еколошко друштво објаснуваат дека видрите се исклучително важни и интересни цицачи, но сè почесто се соочуваат со сериозни закани поради нарушување на водните и влажните живеалишта.

Во Македонија, видрите се среќаваат покрај поголемите реки, езера и водни екосистеми, меѓу кои и крајбрежјето на Преспанското Езеро. Таму нивниот опстанок е тесно поврзан со достапноста на храна, пред сè риба, како и со рипариската вегетација што им обезбедува засолниште и простор за живот.

Активностите за мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се спроведуваат во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“.

Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“. Партнери во неговата имплементација се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија.

Имплементацијата на проектните активности е поддржана и од Министерството за животна средина и просторно планирање и Националниот парк „Пелистер“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс