VIDEO: Украинската војска тврди дека снимила НЛО – Киев истражува дали станува збор за ново руско оружје

Украински воен советник објави снимка од мистериозен летечки објект снимен со дрон за време на борбени операции. Киев не верува во вонземјани, туку се сомнева на ново руско оружје.

Висок украински советник за одбрана објави снимка од дрон на која, според тврдењата на украинската војска, се гледа неидентификуван летечки објект (НЛО) со сферична форма, шест шилести конуси и топлинска трага.

Објектот бил забележан во мај минатата година за време на борбени операции на височина од околу 800 метри, а снимката покажува како бавно лебди без да реагира на присуството на дронот, пишува украинскиот медиум „Киев Пост“.

Објавена инфрацрвена снимка од мистериозниот објект

Серхиј „Флеш“ Бескрестнов, висок советник за технологија и војување со дронови при украинското Министерство за одбрана, во понеделникот објави фотографии и видео од објектот. Бескрестнов, кој важи за еден од водечките украински експерти за дронови и електронско војување, потврдил дека инцидентот се случил во мај 2025 година и дека украинските власти биле запознаени со случајот.

Едноминутната црно-бела инфрацрвена снимка прикажува заоблен објект со видлив извор на топлина во центарот и шест остри конуси кои излегуваат од телото што наликува на сплескана сфера. Зад објектот се гледа топлинска трага, односно облак потопол од ноќниот воздух.

Киев: Можно е да станува збор за ново руско оружје

Главните украински медиуми ја потврдија автентичноста на снимките од борбените дронови, но никој не тврди дека станува збор за вонземски објект. Украина ги проучува НЛО-феномените првенствено поради сомнежот дека зад нив може да се крие нов тип руско оружје, пренесува агенцијата УНИАН.

„Од почетокот на војната, проучувањето на НЛО во нашиот воздушен простор стана повеќе воена отколку цивилна задача“, напиша Бескрестнов на Телеграм. Тој додаде дека украинските вооружени сили имаат и посебен документ за пријавување и анализа на НЛО-снимки, одобрен од врховниот командант.

Повик до граѓаните и војниците

Бескрестнов ги повика и цивилите и војниците веднаш да пријавуваат какви било необични летечки објекти.

„Она што изгледа како НЛО всушност може да биде таен нов систем на Кремљ за кој сè уште не знаеме“, предупреди тој.

Објавата доаѓа само неколку дена откако американскиот Пентагон декласифицираше нови фотографии и видеоснимки од НЛО забележани од американски воени и владини служби. Украинскиот објект, според анализите, во одредени детали наликува на мистериозниот „ѕвездест“ објект што американските сили го снимиле на Блискиот Исток во 2013 година.

Од есента 2022 година Русија редовно ја напаѓа Украина со крстосувачки, балистички и хиперсонични ракети, како и со беспилотни летала „Шахед“. Поради недостиг од американски системи за пресретнување, Украина развила сопствена мрежа за воздушна одбрана што комбинира акустични сензори, дронови-пресретнувачи, борбени авиони, па дури и земјоделски авиони вооружени со сачмарки.

Според украинските власти, оваа комбинирана одбрана од средината на 2025 година соборува меѓу 80 и 90 проценти од руските проектили. Иако пријавите за НЛО се чести, украинските служби во најголем број случаи подоцна утврдуваат дека станува збор за руска воена технологија, а не за вонземско потекло.

е-Трн да боцка во твојот инбокс