Виченте Амиго, виртуозот на фламенко музиката во Скопје како дел од „Off Fest“

Виченте Амиго, еден од најкомплетните и највлијателните гитаристи од новата генерација кој ужива висок рејтинг во светот на фламенко музиката ќе настапи во Скопје на 8 јуни во Националната опера и балет како дел од програмата на овогодинешното издание на „Off Fest“.

Недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина, Виченте Амиго е роден 1967 година во Гвадалканал (Севиља), а израснал во Кордоба. Приврзан за гитарата уште од детството, албум по албум, тој се наметна како еден од најиновативните и најплодните современи музички творци. Од неговиот прв албум во 1991, тој успеа да создаде свој стил, суптилен и раскошен, отворен за другите музички стилови. Со право го нарекуваат „логичен наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија“. Овој андалузиски уметник соработувал со најголемите фламенко ѕвезди како и со значајни уметници од други жанрови. Има снимано или настапувано со Пако де Лусија, Камарон де ла Исла, Кармен Линарес, Манола Санлукар, Диего Ел Сигала, Мигел Поведа, Естреља Моренте, Дејвид Боуви, Кит Ричардс, Боб Дилан, Џон Меклафлин и Ал ди Меола, Стинг… Покрај тоа што е Амбасадор на фламенко гитарата и почесен член на организацијата на ОН за уметности и науки, тој е сопственик на две Греми награди и Златен медал за фини уметности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс