Вештачката интелигенција сè почесто се претставува како технологија што ќе го забрза светот, ќе ја зголеми продуктивноста и ќе отвори нови можности во економијата, науката и секојдневието. Но зад секој модел, секоја слика, секој одговор и секој нов дигитален сервис стои физичка инфраструктура што троши огромни количини струја, вода и простор.
Нов извештај на Институтот за вода, животна средина и здравје при Универзитетот на Обединетите нации предупредува дека дата-центрите, поттикнати од растот на ВИ, до 2030 година би можеле двојно да ја зголемат потрошувачката на електрична енергија и вода.
Според проценките, годишната потрошувачка на струја на дата-центрите може да достигне 945 терават-часови до крајот на деценијата, што е споредливо со потрошувачката на цела Јапонија. Вештачката интелигенција би можела да сочинува околу 40 отсто од оваа потрошувачка.
Уште позагрижувачка е водата. Извештајот проценува дека дата-центрите до 2030 година би можеле да трошат околу 9,3 трилиони литри вода годишно, главно за ладење на серверите. Тоа е количина што се споредува со годишните потреби за вода на околу 1,3 милијарди луѓе.
Проблемот не е само во тоа што ВИ станува помоќна, туку и во тоа што станува сè подостапна. Иако новите системи можат да бидат поефикасни, пониската цена и побрзата употреба често водат до поголема вкупна потрошувачка. Овој феномен е познат како Џевонсов парадокс: кога една технологија станува поефикасна, нејзината употреба може да се зголеми толку многу што вкупната потрошувачка на ресурси сепак расте.
Дата-центрите веќе се меѓу најголемите потрошувачи на електрична енергија. Според извештајот, минатата година тие потрошиле околу 448 терават-часови струја, повеќе од потрошувачката на Саудиска Арабија. До 2030 година, емисиите на јаглерод диоксид поврзани со нивното работење би можеле да достигнат околу 399 милиони тони, што е споредливо со емисиите на голема индустриска економија.
Освен струја и вода, растот на ВИ бара и земјиште, ретки минерали, серверска опрема и нова електронска инфраструктура. Тоа значи повеќе рударење, повеќе електронски отпад и поголем притисок врз локалните заедници во кои се градат дата-центри.
Обединетите нации предупредуваат и на уште еден проблем: нееднаквата распределба на ВИ инфраструктурата. Само мал број држави располагаат со специјализирана cloud инфраструктура за вештачка интелигенција, а најголемиот дел од капацитетите е концентриран во САД и Кина. Тоа може дополнително да го продлабочи дигиталниот јаз меѓу земјите што ја развиваат и контролираат ВИ и земјите што само ја користат.
Затоа извештајот повикува на поголема транспарентност од технолошките компании. Потрошувачката на струја, вода, емисиите и влијанието врз земјиштето не треба да останат скриени зад интерфејсите што изгледаат лесни, брзи и „нематеријални“.