Лекарите од итната помош долго време важат за симбол на брза реакција, точна проценка и одлуки под притисок. Но, ново истражување од Харвард отвора големо прашање за иднината на медицината: колку далеку може да оди вештачката интелигенција во клиничкото размислување?
Студијата, објавена во списанието „Science“, покажува дека системи базирани на вештачка интелигенција ги надминале лекарите во итна тријажа, односно во првичната проценка на пациенти кои пристигнуваат во болница.
Според авторите, големите јазични модели покажале подобри резултати од повеќето мерила за клиничко размислување, особено во ситуации во кои треба брзо да се донесе одлука врз основа на ограничени информации.
Еден од експериментите се фокусирал на 76 пациенти кои пристигнале во итната помош во болница во Бостон. Вештачката интелигенција и двајца лекари добиле исти податоци од електронското здравствено досие: витални знаци, демографски информации и краток опис од медицинска сестра за причината поради која пациентот дошол во болница.
ВИ-системот ја погодил точната или многу блиска дијагноза во 67 проценти од случаите. Лекарите, пак, биле точни во 50 до 55 проценти од случаите.
Предноста на вештачката интелигенција била особено видлива во ситуации на тријажа, кога треба да се реагира брзо и со малку информации. Кога биле достапни повеќе детали, точноста на ВИ-моделот OpenAI o1 се зголемила на 82 проценти, додека лекарите постигнале точност од 70 до 79 проценти. Сепак, таа разлика не била статистички значајна.
Вештачката интелигенција покажала подобри резултати и кога требало да предложи подолгорочни планови за лекување, како избор на антибиотска терапија или планирање на сложени одлуки во тешки медицински случаи. Во тест со пет клинички случаи, ВИ-системот постигнал 89 проценти, додека лекарите кои користеле конвенционални ресурси, како пребарувачи, постигнале 34 проценти.
Но, истражувачите предупредуваат дека ова не значи крај за лекарите во итната помош.
Студијата ги споредувала лекарите и вештачката интелигенција само врз основа на податоци што можат да се пренесат преку текст. Не биле тестирани визуелни и човечки сигнали, како изгледот на пациентот, степенот на вознемиреност, говорот на телото или интуитивната проценка што лекарот ја добива при директен контакт.
Затоа, ВИ во оваа студија функционирала повеќе како клиничар што дава второ мислење врз основа на документација, отколку како целосна замена за лекар.
„Не мислам дека нашите наоди значат дека вештачката интелигенција ќе ги замени лекарите“, изјави Арџун Манраи, еден од главните автори на студијата и раководител на лабораторија за ВИ на Медицинскиот факултет Харвард.
Според него, резултатите покажуваат дека медицината влегува во длабока технолошка промена што ќе го преобликува начинот на работа.
Д-р Адам Родман, лекар во медицинскиот центар Beth Israel Deaconess во Бостон и коавтор на студијата, оцени дека ВИ-програмите се меѓу највлијателните технологии во последните децении. Тој смета дека во следните десет години вештачката интелигенција нема да ги замени лекарите, туку ќе стане дел од нов модел на грижа: пациент, лекар и ВИ-систем.
Според истражување објавено минатиот месец, речиси еден од пет лекари во САД веќе користи вештачка интелигенција како помош при дијагностицирање. Во Велика Британија, 16 проценти од лекарите ја користат секојдневно, а уште 15 проценти неделно, при што клиничкото донесување одлуки е една од најчестите примени.
Сепак, остануваат сериозни прашања. Најголемите грижи на британските лекари се можните грешки на ВИ и прашањето кој ќе биде одговорен ако таква грешка доведе до погрешна одлука.
„Во моментов не постои формална рамка за одговорност“, предупреди Родман.
Тој нагласи дека пациентите, особено во ситуации што вклучуваат тешки одлуки за живот, здравје и лекување, сè уште сакаат да бидат водени од луѓе.