„Вештачката интелигенција ќе одигра голема улога во крајот на светот“. Ова не го кажал директор на технолошка компанија или истражувач кој предупредува дека АИ би можела да стане неконтролирана. Го кажал влијателниот пастор од Атланта, Филип Ентони Мичел. И кога зборувал за „крајот на светот“, мислел токму на тоа.
Повеќе од една година по неговото предупредување, ваквите идеи веќе не се изолиран став на еден проповедник.
Од „Тикток“ и подкасти до книги и јавни проповеди, дел од влијателни христијани почнуваат да ја поврзуваат вештачката интелигенција со библиските пророштва за последните денови. „Дали вештачката интелигенција може да биде сценарио за крајот на светот?“, прашува пасторот на мегацрквата Грег Лори.
„Многу е можно“, додава тој. Пасторот Мајк Сињорели, пак, предупредува дека АИ би можела да биде дел од процесот што води кон појавата на Антихристот. Тука започнува една необична мешавина од древни библиски текстови и една од најновите технологии во историјата.
Кој е Антихристот – и каде во приказната влегува АИ?
Во христијанството, идејата за „крајот на светот“ се поврзува со пророштвата за последните денови на Земјата. Антихристот во различни христијански толкувања се претставува како противник на Бог, кој ќе добие огромна моќ пред конечното поразување од Исус. Еден од клучните текстови во овие толкувања е последната книга од Библијата – Откровението.
Таму се појавува и „Ѕверот од морето“, опишан со седум глави и десет рогови. Но, не постои едно единствено христијанско толкување на овие симболи. За многу христијани, Откровението е пред сè метафоричен текст, поврзан со прогоните на раната христијанска црква под Римското Царство. Други го читаат како пророштво за иднината. И токму во ова второ толкување се појавува простор за современи технологии.
Некои луѓе ја замислуваат вештачката интелигенција како „втората Ѕвер“ – сила која ќе го измами човештвото и ќе го подготви за обожување на Антихристот. Други одат чекор понатаму и се прашуваат дали самата АИ може да биде Антихристот. Научна теорија? Не. Технолошка прогноза? Исто така не. Станува збор за религиозно толкување на современата технологија. Но прашањето е: зошто токму сега?
Кога светот се менува пребрзо, старите пророштва повторно оживуваат
Вештачката интелигенција навистина го менува светот. Таа веќе влијае врз работата, образованието, медиумите, науката и начинот на кој луѓето создаваат и обработуваат информации. Истовремено, растат и стравовите околу нејзината моќ. Од технолошки истражувачи кои предупредуваат на екстремни ризици, до директори на големи компании кои зборуваат за опасностите од пребрз развој – јавната дебата станува сè поинтензивна.
Професорката Норин Херцфелд, специјализирана за вештачка интелигенција и етика на технологијата, смета дека токму периодите на драматични промени се плодна почва за апокалиптични толкувања. „Разговорот за крајот на светот цвета во време на големи промени“, вели таа.
Таквите наративи им овозможуваат на луѓето да почувствуваат дека промените што ги гледаат околу себе не се случајни, туку дека се дел од некаков поширок план. Херцфелд го споредува денешниот страв од АИ со несигурноста што ја предизвикала индустриската револуција. „Живееме во време на брзи промени“, вели таа, посочувајќи дека компјутерската технологија денес се развива со темпо што претходните генерации не го искусиле.
Луѓето слушаат дека АИ ќе им ги преземе работните места, ќе промени цели индустрии и ќе го трансформира секојдневието. За многумина, тоа значи и губење на чувството дека имаат контрола врз сопствениот живот. И тука религијата нуди нешто што технологијата не може: објаснување. Ако промените се дел од поголем план, тогаш хаосот добива смисла.
Речиси половина од американските христијани веруваат дека живееме во последните денови
Според истражување на Истражувачкиот центар „Пју“ од 2022 година, речиси 40 отсто од полнолетните Американци веруваат дека човештвото живее во последните моменти пред крајот на светот. Кај христијаните, процентот е околу 47 отсто. Но ваквото размислување во САД не започнало со интернетот, „Тикток“ или вештачката интелигенција.
Професорот Џефри С. Пју од Универзитетот „Илон“ во Северна Каролина раскажува дека неговата баба верувала дека американскиот претседател Френклин Делано Рузвелт бил Антихристот. Рузвелт дошол на власт во период на Големата депресија – време на сиромаштија, неизвесност и длабока општествена криза. Неговиот „Њу дил“ бил доживуван како радикална промена на американското општество.
За Пју, примерот покажува колку лесно луѓето можат актуелните настани да ги вклопат во постоечки библиски наративи. Во 1960-тите, ваквите толкувања добиле нов замав. Тоа било време на политички атентати, војната во Виетнам, движењето за граѓански права, антивоени протести и младинска контракултура. Општеството се менувало брзо, а стравот од иднината бил силен.
Во 1970-тите станала популарна книгата „Доцната голема планета Земја“, која ги поврзувала библиските пророштва за крајот на светот со современата политика и геополитика. Потоа, низ различни периоди, се менувал и „кандидатот“ за Антихрист. За време на Студената војна, тоа биле Советскиот Сојуз и комунизмот. По терористичките напади од 11 септември 2001 година, кај дел од христијаните таквата улога му била припишувана на исламот.
„Стравовите од времето во кое живеете обично се проектираат врз наративите за крајот на светот“, вели Пју. Денес, новиот извор на страв е вештачката интелигенција.
„Една од најстрашните технологии што сме ги создале“
Австралискиот пастор Стивен Дрискол, автор на книгата „Создаден според нашиот лик: Бог, вештачката интелигенција и ти“, вели дека не знае со сигурност кој или што е Антихристот.Но АИ, според него, е „една од најстрашните технологии што некогаш сме ги создале“ и затоа ја смета за сериозен кандидат во ваквите размислувања. Сепак, Дрискол предупредува дека користењето на Библијата за предвидување на иднината можеби не е најкорисниот начин да се пристапи кон технологијата.
Според него, Библијата нуди повеќе од шпекулации за идентитетот на Антихристот. Таа може да се чита и како текст за тоа како луѓето се приспособуваат кон промени, како работат и како живеат во услови што не можат целосно да ги контролираат.
Бог и технологијата – од каменото доба до вештачката интелигенција
Дрискол потсетува дека и Стариот завет зборува за технолошки иновации во земјоделството и други области. Во неговото толкување, технологијата сама по себе не е нешто што стои надвор од Божјата контрола. Од каменото и бронзеното време, преку железното и нуклеарното доба, па до вештачката интелигенција – секоја технолошка ера го носи истиот основен проблем: луѓето не можат целосно да го контролираат времето во кое живеат.
Дрискол го користи библискиот Даниел како пример. Даниел живее под различни царства и сведочи за доаѓањето на нови политички сили. Не може да ги запре. Но може да избере како ќе живее. „Не може да го контролира времето – но може да живее добро“, вели Дрискол.
Можеби токму тука лежи и причината поради која старите апокалиптични приказни повторно се појавуваат секогаш кога светот изгледа како да се движи пребрзо. Не затоа што технологијата нужно е Антихрист. Туку затоа што кога луѓето ќе почувствуваат дека ја губат контролата, почнуваат да бараат смисла во старите приказни. А денес, една од најголемите промени што некогаш сме ги создале има едно кратко име: АИ.