Венс: Трамп сè уште не пресекол за договорот со Иран

Американскиот потпретседател вели дека има „голем напредок“ во преговорите со Техеран, но конечната одлука за можниот договор останува кај Доналд Трамп.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Доналд Трамп сè уште не одлучил дали ќе го одобри можниот договор со Иран, иако преговарачите, според него, постигнале „голем напредок“. Во игра е рамка што би го продолжила примирјето за 60 дена и би отворила простор за разговори за иранската нуклеарна програма.

Венс рече дека Вашингтон смета оти иранската страна, барем засега, преговара „во добра вера“, но нагласи дека неколку клучни прашања сè уште се отворени. Меѓу нив се и можните ограничувања на иранската нуклеарна програма, што останува една од најчувствителните точки во преговорите.

Axios претходно објави дека американските и иранските преговарачи постигнале рамковен договор за продолжување на примирјето и почеток на преговори за нуклеарната програма. Според извештајот, условите во голема мера биле усогласени, но и двете страни треба да добијат политичко одобрување од своите раководства.

Од Иран, пак, стигна демант. Агенцијата Tasnim, блиска до иранската Револуционерна гарда, објави дека ниту е финализиран, ниту е потврден каков било прелиминарен договор. Засега, Вашингтон зборува за напредок, Техеран ја спушта топката, а последниот збор останува кај Трамп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс