Венс: САД се блиску до договор со Иран, можно е значително да се ограничи нуклеарната програма

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека САД се блиску до договор со Иран и дека Вашингтон има можност значително да ја ограничи нуклеарната програма на Техеран. Се чека конечната одлука на Доналд Трамп.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека САД сè уште немаат постигнато конечен договор со Иран, но дека двете страни се „многу блиску“ до договор кој би можел значително да ја ограничи нуклеарната програма на Техеран.

„САД се во позиција од која можат сериозно да го уназадат иранскиот нуклеарен програм“, изјави Венс пред новинарите.

Неговите коментари следуваат откако американски медиуми објавија дека американските и иранските преговарачи уште во вторникот постигнале начелен договор, кој сè уште чека одобрување од американскиот претседател Доналд Трамп.

Се чека одлуката на Трамп

Изјавата на Венс е прва реакција од висок американски функционер по медиумските извештаи за можен договор меѓу Вашингтон и Техеран. Во меѓувреме, арапски функционер за американската телевизија NBC News изјавил дека одложувањето е „фрустрирачко“, бидејќи меморандумот за разбирање бил договорен уште пред три дена во Доха.

На преговорите се осврна и американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој потврди дека разговорите продолжуваат. Тој нагласи дека Доналд Трамп јасно поставил неколку „црвени линии“. Според условите што ги бара Вашингтон, Иран мора да го предаде високо збогатениот ураниум и не смее да дојде во посед на нуклеарно оружје.

„Ормутскиот теснец мора да остане слободен и отворен како и досега“, изјави Бесент, додавајќи дека „сè зависи од одлуката на претседателот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс