Британската влада од 16 ноември 2026 година автоматски ги помилува сите жени во Велика Британија кои биле осудени за незаконски прекин на бременоста според закон од викторијанската ера. Одлуката стапува во сила откако британскиот парламент минатата година изгласа законски измени со кои абортусот беше декриминализиран преку укинување на спорната одредба од Законот за казнени дела против личноста од 1861 година.
Автоматското помилување ги опфаќа и жените на кои им била изречена полициска опомена поради прекин на бременоста. На сите жени кои биле уапсени или против кои се водела истрага за прекин на сопствената бременост, овие податоци ќе им бидат целосно отстранети од полициската и казнената евиденција.
Процедурата се спроведува по службена должност. Жените нема да мора да поднесуваат никакви барања до институциите, а дел од осудените во минатото ќе бидат помилувани и посмртно.
Законот за казнени дела против личноста од 1861 година повеќе од еден век предвидуваше строги казни за жените кои самостојно ќе ја прекинат бременоста надвор од строго пропишаните законски рамки. Со амандманот за декриминализација, усвоен во британскиот парламент во 2025 година, жените во Англија и Велс повеќе не сносат кривична одговорност за прекин на сопствената бременост, додека законските санкции остануваат во сила само за лицата кои присилно или без согласност ѝ предизвикале прекин на бременоста на жена.
Извршната директорка на Британската советодавна служба за бременост (БПАС), Хајди Стјуарт, ја поздрави мерката на владата.
„Предолго жените се соочуваа со разорните последици од застарените закони за абортус. Иако ниту едно помилување не може да ги избрише страдањето и траумата што тие жени ги преживеале, оваа историска промена на законот ја признава огромната штета што им ја нанесе криминализацијата и претставува значаен чекор кон правдата“, изјави Стјуарт.
Британската влада не објави прецизна бројка за тоа колку точно жени ќе бидат опфатени со оваа одлука. Сепак, лабуристичката пратеничка Тонија Антонијаци, која го поднесе амандманот за декриминализација во парламентот, посочи дека во текот на петте години пред минатогодишното гласање полицијата истражувала повеќе од 100 жени поради сомневање за незаконски прекин на бременоста.
