Независна група астрофизичари од австралиската Организација за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот (CSIRO) направи нова анализа на телескопските податоци од 2019 година и потврди дека светлечкиот прстен на првата фотографија од црна дупка е вистински. Резултатите од истражувањето се објавени на 11 ноември во научното списание „Нејчр“ (Nature) и ги потврдуваат првичните наоди на меѓународната соработка „Ивент Хорајзон Телескоп“ (ЕХТ) за супермасивната црна дупка во галаксијата М87.
Првата снимка од сенката на супермасивната црна дупка во средиштето на галаксијата М87 беше објавена во 2019 година и ја воодушеви светската јавност. Сликата покажа карактеристичен светлечки прстен со темно средиште, што директно се совпадна со астрофизичките модели засновани на општата теорија за релативноста на Алберт Ајнштајн. За да ја создаде таа визуелизација, меѓународната соработка „Ивент Хорајзон Телескоп“ (ЕХТ) истовремено спојува податоци од низа радио-телескопи распоредени на неколку континенти.
Ваквата мрежа од инструменти функционира како еден виртуелен радио-телескоп со дијаметар колку целата планета Земја. Реконструкцијата на слика од толку сложени мерења е исклучително тешка математичка задача, поради што дел од научната заедница веднаш изрази резерви околу конечниот изглед на фотографијата.
Сомнежите добија конкретна научна основа во 2022 година, кога астрофизичарот Јуничиро Макино од Универзитетот Кобе во Јапонија и неговите соработници повторно ги обработија истите сурови податоци. Тие применија една од техниките на тимот ЕХТ, но внесоа малку поинакви почетни претпоставки при пресметките.
Резултатот на јапонскиот тим беше сосема различен. Наместо јасно дефиниран светлечки прстен, нивната реконструкција прикажа неправилен збир од радио-емисии, што отвори расправа за тоа дали кружната форма е физичка реалност или само последица на софтверските алгоритми за цртање на сликата.
За да ја разрешат дилемата, астрофизичарот Семјуел Лај од австралиската Организација за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот (CSIRO) во Бентли и неговите колеги развија сопствени независни алгоритми за обработка на податоците. Нивната анализа покажа високо совпаѓање со првичниот приказ објавен во 2019 година.
Семјуел Лај објасни дека реконструкцијата на слика од ретко распоредена мрежа телескопи подразбира создавање визуелен приказ што најдобро одговара на собраните мерења. Тој процес делумно зависи од почетните параметри на истражувачите и од начинот на кој се обучува невронската мрежа за генерирање на сликата.
„Во зависност од моделот што однапред ќе го поставите, можете да добиете малку поинакви резултати. Сепак, ние повторно добивме структура налик на прстен“, изјави астрофизичарот Нитијанандан Тјагараџан, колега на Лај и коавтор на студијата.
И покрај новата потврда во списанието „Нејчр“, јапонскиот астрофизичар Јуничиро Макино останува воздржан кон конечните заклучоци. Неговата главна забелешка се однесува на посветлите точки околу темниот диск, кои се појавуваат на различни позиции во зависност од методот употребен за реконструкција на фотографијата.
„Ако двата метода се математички исправни, малку е тешко да се разбере зошто е тоа така“, изјави Макино.
