Вечерва 24 јули во Галерија Култ во Охрид, со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложба на скулптури на вајарот Андреј Митевски и истата ќе биде отворена за посета до 31 јули.
Митевски е автор со повеќедецениска творечка дејност, со јасно изграден и препознатлив уметнички јазик. Во текот на својата богата кариера реализирал бројни самостојни изложби во земјата и странство и учествувал на значајни меѓународни изложби и скулпторски симпозиуми низ светот. Неговото творештво сведочи за една постојана посветеност на истражувањето на формата, материјалот и просторот.
Но, она што особено го издвојува неговото дело е неговиот однос кон каменот. Кај Митевски каменот не е само материјал што треба да се совлада — тој е жив медиум, материја која во себе веќе ја носи потенцијалната форма. Авторот не ја наметнува формата, туку внимателно ја открива и ја ослободува.
Во оваа изложба, малите формати изработени во мермер, камен, оникс и стакло ни го откриваат неговиот препознатлив свет — свет на суптилни женски торза и торза на ангели, форми сведени до самата суштина, ослободени од непотребното, форми исполнети со силна емотивна и духовна енергија.
Женските торза во неговото творештво се вистинска ода на убавината и хармонијата. Тие не се само претстава на телото, туку истражување на неговата суштина. Сензуалноста на овие дела не произлегува од нагласеноста, туку од суптилноста на формата и истата е содржана во благите премини, во ритамот на линијата, во мекото движење на површината и во начинот на кој што светлината го допира мермерот и ја открива неговата внатрешна живост. Тоа се скулптури кои се допираат со око, каде гледачот визуелно воспоставува тактилен однос со формата — без физички допир а со мисла и чувство успева да ја почувствува совршеноста на телото. Во таа смисла, торзата на Митевски ја надминуваат материјалната форма и стануваат искуство на сетилноста, меморијата и внатрешното доживување. Тие не го прикажуваат само телото, туку она што останува зад телесното — а тоа е тивката присутност на убавината.
Бенедето Кроче, сметал дека вистинската уметност се раѓа од интуицијата — од внатрешната визија на уметникот која преку изразот добива материјална форма. Уметничкото дело не е само резултат на занаетчиско мајсторство, туку преобразување на едно внатрешно доживување во нешто што може да биде споделено со другите..
Кај Митевски токму тоа го препознаваме — материјалот станува носител на една внатрешна визија. Каменот престанува да биде само камен и станува мисла, чувство, сеќавање и присуство. Неговите скулптури се тивки, но не и неми. Тие говорат со јазикот на хармонијата, на светлината и сенката, на полното и празното. Во време кога современата уметност често се движи кон фрагментација, немир и деструкција, Митевски нè враќа кон една поинаква естетика — естетика на тишината, на рамнотежата и на убавината како универзална човечка вредност.