Вечерва свечено отворање на 20. Медитерански игри, Македонија со најбројна делегација до сега

Македонија во Таранто настапува со својата најбројна делегација досега на Медитеранските игри – вкупно 130 членови, од кои 88 се спортисти

Италијанскиот град Таранто од денеска е центарот на медитеранскиот спорт, а меѓу знамињата на земјите учеснички е и македонското. Македонската делегација вчера пристигна во градот домаќин, подготвена за настапите на XX Медитерански игри „Таранто 2026“.

Вечерва во 20 часот официјално започнуваат Игрите, со церемонија која македонската јавност ќе може да ја следи на МРТ 1, додека дел од натпреварите во живо ќе се пренесуваат на МРТ 3.

„Таранто 2026“ ќе трае до 3 септември, а македонските спортисти веќе ги имаа првите настапи. Нашите одбојкарки вчера го одиграа првиот натпревар на Игрите против Турција, со што за Македонија започна спортската приказна во Таранто.

Во следните денови македонските бои ќе ги бранат спортисти во 19 од вкупно 33 спортови на програмата: атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење – слободен стил, како и женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.

Македонија во Таранто настапува со својата најбројна делегација досега на Медитеранските игри – вкупно 130 членови, од кои 88 се спортисти. Зад нив стои поддршката од Македонскиот олимписки комитет, кој во изминатиот период обезбедуваше услови за подготовките и настапот на Игрите. Дополнителна поддршка во Таранто ќе имаат и во делот на менталната подготовка, преку работата со Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, која ќе работи со спортистите на концентрацијата, менталната подготовка и справувањето со натпреварувачкиот притисок.

За сите случувања од Таранто, настапите, резултатите и атмосферата околу македонската делегација, јавноста секојдневно ќе може да следи информации и содржини на официјалните Facebook и Instagram профили на Македонскиот олимписки комитет.

Ова е четврто учество на Македонија на Медитеранските игри како независна држава, по Мерсин 2013, Тарагона 2018 и Оран 2022. Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а новата генерација македонски спортисти во Таранто ќе има можност да ја продолжи оваа традиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс