Вечерва изложба „Светлина на традицијата“ во КСП Центар Јадро

„Светлина на традицијата“ е приказна за жената – за нејзините дланки, трпение, умешност и тивката сила со која со генерации го создавала и чувала нашето културно наследство

Вечерва со почеток во 20:00 часот во КСП Центар-Јадро се отвара „Светлина на традицијата“, самостојна изложба на Калина Игновска. 

„Светлина на традицијата“ е приказна за жената – за нејзините дланки, трпение, умешност и тивката сила со која со генерации го создавала и чувала нашето културно наследство.

Во везот, плетката и ткаењето не се запишани само техниките и орнаментите. Во нив остануваат времето, грижата, спомените и моменти од животот на жените што ги создавале. Она што некогаш било дел од секојдневието, денес добива нов живот преку светлината и современиот уметнички израз.

Изложбата е посвета на женското создавање во сите негови облици – од безимените жени кои ја пренесувале традицијата од генерација на генерација, до оние чии лични приказни ги препознаваме и денес. Дел од ракотворбите искористени во изложбата се изработени од актерката Нада Гешоска, жена која оставила силна трага во македонската култура, но која зад сцената создавала и со своите дланки. Нејзините ракотворби овде откриваат една поинаква, интимна страна на нејзиното творештво и стануваат дел од приказната за жената која создава – без разлика дали е на сцената, во уметноста или во тишината на сопствениот дом.
Светлината овде не е само дел од предметот. Таа е начин да се направи видливо она што долго време постоело тивко – трудот, креативноста и приказните на жените пред нас.
Светлина што не го осветлува само предметот, туку и жената зад него.

Калина Игновска (1982, Скопје) е графичка дизајнерка и сценографка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графички дизајн. Од 2006 година работи на рекламни и музички спотови, филмови и серии како сценограф и графички дизајнер, меѓу кои „Времето на кометата“, „Стела“, „Мими“, „Убиј ги прво децата“, „Преспав“ и „Куќен притвор“. Од 2018 година е ко-сопственичка и дизајнерка во INFINI ART & DESIGN STUDIO, а од 2019 година учествува во организацијата на фестивалот Литера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс