Васил Иљоски: драматургот што ѝ даде сцена на македонската граѓанска приказна

На денешен ден во 1995 година во Скопје починал Васил Иљоски, драмски писател, есеист, критичар и книжевен историчар, роден на 20 декември 1902 година во Крушево. Неговото име е неразделно поврзано со македонскиот театар меѓу двете светски војни, период во кој македонските автори пишувале и поставувале драми на сопствениот јазик, во услови на политички притисоци и асимилација. Иљоски бил и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија, а неговиот лик денес е овековечен во бронза на Мостот на уметноста во Скопје.

Од семејниот дуќан до универзитетската катедра

Иако е роден во Крушево, основното и средното образование ги завршил во Куманово, каде што семејството се преселило додека бил дете. Подоцна студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Како млад му помагал на татко му во семејниот занает, но тоа не бил патот што го посакувал. Кариерата ја започнал како професор во кумановската гимназија, а по ослободувањето извршувал раководни функции во просветата. Се пензионирал како професор на Вишата педагошка академија во Скопје.

Детството и младоста во Куманово се препознаваат и во неговите дела, во кои градот, неговите чаршии, еснафи и семејни односи се постојана сцена.

„Бегалка“ и театарот на градот

Најпознатата драма на Иљоски, „Бегалка“, ја раскажува приказната за убавата Ленче, свршена за Досе, син на богат трговец, иако е вљубена во младиот занаетчија Бошко. Под формата на љубовна приказна, драмата се занимава со патријархалниот брак, парите како мерило за човечката вредност и жената што ѝ се спротивставува на семејната волја, теми што и денес звучат современо. Ликот на Ленче Кумановче станал толку препознатлив што истражувачите го споредуваат со Зона Замфирова од романот на Стеван Сремац, како огледало на балканскиот менталитет. Покрај „Бегалка“, Иљоски ги напишал и „Чорбаџи Теодос“ и „Чест“.

Скопскиот театар меѓу двете светски војни, во кој се поставувале неговите драми, бил неочекувано жив. Мирослав Крлежа, кој во 1937 година дошол во Скопје на премиера на своја драма, во едно писмо напишал дека скопскиот театар е многу поинтересен од кој било театар во Загреб. Иљоски, заедно со Антон Панов и Ристо Крле, се вбројува меѓу најизведуваните автори од тој период. Заедничка тема во делата на тројцата е печалбарството, како последица на тешкиот живот во поделена Македонија.


Иљоски бил еден од ретките македонски писатели што цели пет децении останале активни во македонското драмско творештво, поврзувајќи ги драмата пред и по Втората светска војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс