Search

Васил Христов: „Роденден“ е претстава за влијанието на општеството врз поединецот

„Театарот не е естрада и нема задача да ја забавува публиката, туку се работи за повисока форма на уметност“

“Од секогаш мислев дека роденденот е многу битен момент во животот на еден човек, на кој денес за жал не му се дава доволно значење, а човек и тоа како има причина за славење, одбележувањето на сопственото раѓање. Величествено.”

Ова е извадок од најновата претстава во режија на Васил Христов која се поставува во Народен театар Штип. „Роденден“ е работена по текстот на Харолд Пинтер, познат британски автор и нобеловец, со ансамблот на штипски театар: Милорад Ангелов, Даријан Петров, Стефанија Митевска, Владимир Тулиев, Валентина Ѓорѓиевска и Ефтим Трајчов Ќаурски.

Христов истакнува дека станува збор за театарска претстава која има психолошки карактер. Тој смета дека театарот не треба да им ја земе работата на естрадните уметници и да ја забавува публиката, туку да им покаже нешто значајно, а оваа претстава ја има токму таа функција.

„Станува збор за психолошка драма. Малку потешка приказна е, меѓутоа мислам дека ред и време е штипскиот театар повторно да се занимава со некои посериозни теми во општеството и она што ни се случува. Малку посериозна драма каде што се истражува влијанието на општеството врз поединецот и кон што тоа води, кои се психолошките реперкусии од едно општество кое го притиска поединецот.“ – додаде Христов.

Претставата ќе биде една од вкупно петте премиери до јуни на Народен театар Штип, со што ќе се заврши полу-сезоната, а истите ќе бидат дел од одбележувањето на 100-годишнината од организираното театарско движење во Штип. 

Најново

Последни колумни