Украина ја погоди базата на руската елитна единица „Рубикон“: се тврди дека има над 30 загинати и до 70 ранети

Украинската војска тврди дека во нападот врз базата во окупираниот Бердјанск загинале повеќе од 30 руски војници, а до 70 биле ранети. Бројките засега не се независно потврдени.

Украинската војска соопшти дека погодила база на руската единица за беспилотни летала „Рубикон“ во окупираниот град Бердјанск, во Запорошката област. Според првичните процени на украинската страна, во нападот загинале повеќе од 30 руски војници, а до 70 биле ранети.

Нападот се случил во саботата вечерта, а Јужната група на украинските одбранбени сили објави и видеоснимка од операцијата. Според нивното соопштение, биле погодени објекти за обука на оператори на дронови, простории за сместување на војниците и складишта за беспилотни летала.

Украинската војска тврди дека во нападот биле погодени и припадници на командниот состав на единицата. По ударот, според сведочења што ги пренесуваат украинските власти, во областа се слушнале повеќе секундарни експлозии, а голем број руски војници биле пренесени во локална болница.

Според истите информации, телата на загинатите биле пренесени во окупираниот Мариупол. Сепак, бројот на загинати и ранети не е независно потврден, а руската страна засега не објавила официјална реакција за нападот.

Што е руската единица „Рубикон“?

„Рубикон“, официјално Центар за напредни беспилотни технологии, е една од клучните руски воени структури специјализирани за употреба и развој на дронови. Единицата има важна улога во руската стратегија за беспилотно војување, вклучително и напади врз украинската воена логистика и операторите на дронови, како и пресретнување украински беспилотни летала.

Украинската страна наведува дека во последните месеци повеќепати ги напаѓала објектите и припадниците на оваа единица, како на фронтот така и на окупираните територии. Една од претходните операции во Бердјанск била извршена на 9 ноември.

Во руските напади врз Украина загинале најмалку 10 цивили

Во меѓувреме, продолжуваат руските напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура. Според податоците на локалните власти што ги пренесува Асошиејтед прес, во руските напади со дронови во саботата загинале најмалку 10 цивили низ Украина.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта руските сили собориле 1.246 украински дронови, што е една од највисоките бројки објавени од почетокот на инвазијата. Москва не соопшти колку беспилотни летала биле лансирани вкупно, ниту колку од нив успеале да погодат цели.


Украинското воено воздухопловство, пак, соопшти дека во истиот период уништило или неутрализирало 141 од 162 руски дронови лансирани врз Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс