Нови судири во Тирана: 12 повредени, суспендиран полицаецот што го погоди пратеникот со гумен куршум

Во судирите пред канцеларијата на премиерот Еди Рама повредени се 12 лица, меѓу нив опозицискиот пратеник Клити Хоти и двајца полицајци. Државната полиција соопшти дека полицаецот што пукал со гумен куршум е суспендиран и дека против него е поведена истрага.

Протестите против владата на албанскиот премиер Еди Рама во Тирана продолжија и во неделата, 29 ноември, со нови судири меѓу демонстрантите и полицијата. Во инцидентите се повредени 12 лица, а полицаецот кој со гумен куршум го погодил опозицискиот пратеник Клити Хоти е суспендиран.

Според албанските медиуми, демонстрантите се собрале пред канцеларијата на премиерот, носејќи транспаренти со антивладини пораки и знамиња. Дел од нив фрлале пиротехнички средства, камења и други предмети кон полицискиот кордон, по што полицијата употребила солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Хоти бил погоден за време на судирите на булеварот „Дешморет е Комбит“. По инцидентот му била укажана прва помош, а потоа бил пренесен во болница.

Полицаецот е суспендиран, отворена е истрага

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо побарал суспензија на полицаецот и целосна истрага за употребата на сила. Подоцна Државната полиција соопшти дека службеникот е суспендиран и дека против него е поведена дисциплинска постапка.

Според полициското соопштение, службеникот немал наредба да пука со гумени куршуми. Случајот го истражуваат и надлежните органи за надзор на полицијата, во соработка со обвинителството.

Министерството за здравство соопшти дека до 15 часот медицинска помош побарале 12 лица. Шестмина биле прегледани во Универзитетската трауматолошка болница – двајца полицајци, еден пратеник, двајца демонстранти и еден случаен минувач. Други шестмина демонстранти биле примени во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“. Според првичните информации, повредените биле во стабилна состојба.

Протестите продолжуваат поради корупцијата и животниот стандард

Ова е втор последователен ден на протести во Тирана. На собирот во саботата имаше повеќе од 60 повредени, меѓу кои полицајци, демонстранти и новинари, според извештаите од албанските власти и медиуми. Протестите се насочени против владата на Рама, а демонстрантите бараат негова оставка и пошироки политички промени. Меѓу причините за незадоволството се обвинувањата за корупција, невработеноста, нискиот животен стандард и проблемите во образованието.

Незадоволството се засили во последните месеци, по протестите против контроверзен туристички проект на јужниот брег на Албанија, поврзан со компанија основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Со текот на времето, протестното движење ги прошири барањата и прерасна во поширока критика на владата и политичкиот систем.


Рама, кој е на власт од 2013 година и минатата година доби нов мандат, ги отфрла обвинувањата за корупција и повикува на дијалог. Протестите, сепак, продолжуваат и надвор од главниот град.

е-Трн да боцка во твојот инбокс