Во есен и зима, кога поради недостигот на сончева светлина организмот создава многу помалку витамин Д, исхраната станува важен сојузник за имунитетот, коските и мускулите. Најчесто како главен извор на овој витамин се спомнува масната риба, како лососот. Меѓу подостапните намирници, сепак, се издвојуваат белите шампињони изложени на ултравиолетова светлина.
Порција од околу 85 грама шампињони третирани со УВ светлина може да обезбеди околу 22 микрограми витамин Д2. Тоа е повеќе од 100 отсто од препорачаната дневна вредност од 20 микрограми, колку што изнесува американската референтна вредност. Значи, една мала порција може да ги покрие целите дневни потреби.
Слично како човечката кожа, и печурките создаваат витамин Д кога се изложени на ултравиолетово зрачење. Повеќето шампињони во продавниците, сепак, се одгледуваат во темница и имаат помалку од 0,5 микрограми од овој витамин на 100 грама. Белите шампињони изложени на УВ светлина, пак, имаат и до 26,2 микрограми на 100 грама, односно повеќе од 50 пати повеќе.
Затоа при купувањето е важно да се провери нутритивната декларација. Најдобро е да се избираат свежи шампињони и да се искористат во рок од една недела, бидејќи подолгото стоење и термичката обработка ја намалуваат количината на витаминот. Од нив може да се подготват омлети, супи или јадења со тестенини, неколку пати неделно.
Стручњаците наведуваат дека печурките се корисни и за цревата. Полисахаридите од печурките ја зајакнуваат заштитната слузокожа на цревата, го намалуваат оксидативниот стрес и го поттикнуваат развојот на корисните цревни бактерии.
Треба да се има предвид дека печурките содржат витамин Д2. Тие се одличен додаток во исхраната, особено за вегетаријанците, веганите и луѓето што не јадат риба. Сепак, не можат целосно да го заменат витаминот Д3 од суплементите или од намирниците од животинско потекло, кој поефикасно и подолго го одржува нивото на активниот витамин во организмот.
