Снегот престана да паѓа, патиштаата се проодни, но доаѓаат денови со температури под нулата: УХМР најавува и -16 степени

Најмногу проблеми има во тетовско и гостиварско, каде се пријавени прекини на електричната енергија, а механизацијата расчистува кон планинските населени места. АМСМ соопшти дека сите забрани за сообраќај се укинати, додека УХМР најавува многу студени утра во првите денови од декември.

Снежните врнежи предизвикаа проблеми во повеќе општини, особено во тетовскиот и гостиварскиот регион, каде десетици населени места останаа без електрична енергија. Патиштата во најголем дел од земјата се проодни, но на повисоките места има кашест снег, а екипите за зимско одржување продолжуваат со расчистување.

Според информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 13:30 часот, во Општина Тетово биле исчистени патиштата во градот и во пониските населени места, додека механизацијата била упатена кон повисоките планински села. Без електрична енергија биле Попова Шапка, Лисец и Гајре.

Во Брвеница сите регионални и локални патишта биле проодни, вклучително и патот до Гургурница, но без струја останале Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино. Во Боговиње екипите работеле на расчистување кон Урвич и Јеловјане, а прекини на електричната енергија биле пријавени во Камењане, Палчиште и Калник.

Во гостиварскиот регион патиштата во градот и во пониските населени места биле исчистени и проодни. Екипите работеле на расчистување кон повисоките села, а прекини на струјата биле пријавени во Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица.

Во Врапчиште се расчистувале патиштата кон Ѓурѓевиште, Врањовце и Ломница, додека во пониските населени места патиштата биле проодни. Во Маврово и Ростуше во ростушкиот дел имало снежна покривка од три до четири сантиметри, а во мавровскиот дел снегот бил пообилен и екипите работеле на расчистување.

Во Кратово снежната покривка во градот изнесувала околу пет сантиметри, а во селото Мушково околу 15 сантиметри, каде што за движење се препорачуваат теренски возила. Во Старо Нагоричане имало од три до пет сантиметри снег, додека во повисоките делови на велешкиот регион снежната покривка достигнала околу 10 сантиметри.

Во Скопскиот регион сите патишта биле проодни, со влажни коловози и остатоци од кашест снег на одделни места. Проодни биле и регионалните и локалните патишта во Битолско, Штипско, Струмичко и Охридско.

АМСМ: Укинати сите забрани за сообраќај

Според најновите дневни информации на Авто-мото сојузот на Македонија, објавени во 18:01 часот, сите забрани за сообраќај се укинати, а сите државни патишта се проодни. Сообраќајот се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а на повисоките места има остатоци од кашест снег.

Од АМСМ информираат дека обилниот снег е расчистен, но дежурните екипи на „Македонија пат“ остануваат на терен и продолжуваат да ја следат состојбата, особено во повисоките планински предели.

УХМР: По снегот следуваат студени утра

Според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите од снег и дожд во текот на денот ќе престанат. Во понеделник, 30 ноември, времето ќе биде променливо облачно и студено, со сончеви периоди, а во раните утрински часови во источните делови на места сè уште ќе провејува слаб снег. Можно е и појава на магла во одделни котлини.

Од вторник, 1 декември, се очекува сончево и многу студено време. Минималните температури во земјава ќе се движат од -15 до 3 степени, а во среда, 2 декември, од -16 до -6 степени. И во четврток ќе биде студено, со утрински температури од -14 до -4 степени.

УХМР предупредува дека во текот на новата седмица утринските температури ќе бидат под нулата насекаде, а на места и дневните ќе останат негативни. Во одделни котлини ќе има услови за појава на магла.


Граѓаните што патуваат во повисоките предели треба да сметаат на зимски услови и да ја приспособат брзината на движење. ЦУК апелира проблеми со блокирани патишта, отежнат сообраќај или други итни ситуации да се пријавуваат на бројот 112.

е-Трн да боцка во твојот инбокс